Само еден натпревар откако Кевин Дурент постигна 53 поени, неговиот соиграч Кајри Ирвинг волшебно го надмина неговото поентерско достигнување. “Uncle Drew” во дуелот со “магичните” пружи магичен перформанс на теренот.
Бруклин Нетс гостуваше на Орландо Меџик а сјајниот бек на “мрежичките” приреди вистинско шоу. За само 35 минути поминати на паркетот, Ирвинг стигна до личен рекорд од 60 поени. Уште поимпресивно делува податокот што погоди висок процент на шутевите од поле (21 од 30) како и 8 тројки во високата победата над тимот од Флорида со 150:108. Публиката во Орландо беше толку воодушевена што громогласно ја награди неговата игра и го скандираше неговото име, нешто што е атипично кога се настапува на гостински терен.
За прв пат во 75 годишната историја на NBA, два соиграчи успеале да постигнат над 50 поени во два последователни натпревари. Дурент и Ирвинг се првите тимски другари на кое тоа им пошло од рака. Овие 60 поени на Кајри Ирвинг воедно претставуваат и тимски рекорд на Бруклин Нетс (како и претходно на Њу Џерси Нетс пред тимот да се релоцира) од формирањето на клубот во 1967. Пред тоа уште еден моќен поентер го држеше рекордот. Дерон Вилијамс во 2012 година постигна 57 поени, рекорд кој Ирвинг го сруши на последниот меч. И покрај тешката сезона за “нетси” се чини дека нивните две ѕвезди влегуваат во опасна поентерска форма пред почетокот на плеј-оф натпреварите.
NBA FAN
Димитар Младеновски