NBA колумна на Димитар Младеновски-Интернационални селтикси

823

Бостон Селтикс претставува еден од најинтересните тимови во лигата. Состав пополнет со квалитетни играчи на секоја позиција и со исклучително светла иднина. Единствено прашање е дали “келтите” се конечно подготвени да го направат долгоочекуваниот скок.

Гордоста на Масачусец е предводена од едно од најдобрите крила во NBA, Џејсон Тетјтум кој влегува во својата петта NBA сезона. Лани имаше просек од над 26 поени по натпревар и беше вистински лидер во тимот. Подеднакво опасен во нападот е и неговиот добар пријател Џејлен Браун кој просечно постигнува над 24 поени. Двоецот “Џеј” претставува основа на офанзивниот нуклеус на “селтикси”.

Староседелци во Бостон се дефанзивецот Маркус Смарт и талентираниот центар Роберт Вилијамс. Нови лица се Џош Ричардсон од кого се очекува добар шут и солидна одбрана како и шпанскиот репрезентативец Хуанчо Хернангомез. Повратници во старото јато се двајца играчи на центарската позиција, турскиот интернационалец Енес Кентер и ветеранот Ал Хорфорд.

Клупата на тимот е засилена со поранешниот голем талент и висок втор пик на драфтот, Џабари Паркер. Нов организатор на играта е германскиот репрезентативец Денис Шродер кој пристигна од “лејкерси”. Со летните засилување тимот доби нов интернационален шмек.

На хартија Бостон има сосема солиден тим. Нивниот успех неминовно зависи од сјајните All-Star крила но, остатокот од составот треба да се вклопи за многу кратко време. Плејоф пласман е повеќе од очекуван а понатамошниот пробив е под голем знак прашалник.

NBA FAN
Димитар Младеновски