Приказната за Амари Стадемаер, еден од најмоќните и атлетски најимпресивните крила кој настапувале во NBA.
Почетоците:
Роден на 16-ти Ноември 1983 година во Лејк Велс – Флорида (близу Орландо). Израснат е со својот постар брат (Хејзел), често на реалција Флорида – Њу Јорк, бидејќи неговата мајка секоја година се селела со нив, најмногу поради проблемите кој ги имала со законот.
Детството му е тешко и полно со неочекувани ситуации. Неговите родители се разведуваат кога Амари има само 4 години. Неговиот тактко починува кога Стадемаер е сеуште во основно училиште, а неговата мајка многу често се наоѓала во затвор.
Излезот од хаотичното секојдневие, Стадемаер го наоѓа во спортот.
Зачудувачки делува податокот дека и покрај својата несекојдневно висока и силна градба, Стадемаер започнува со организирано играње кошарка на 14-та годишна возраст.
Менува дури 5 средни училишта во период од две години. Талентот и експлозивноста која ја поседува дојде на виделина на негови 17 години, кога просечно постигнува преку 30 поени и 15 скокови по меч.
Ја добива еминетната награда “Mr.Basketball” на Флорида и се вбројува меѓу најголемите средношколски таленти кој некогаш се појавиле. Го добива надимакот “STAT” (Standing tall and talented) поради својата градба и неспорен потенцијал.
По фантастичната (последна) средношколска сезона, добива понуда за настап во најеминетните универзитетски програми. Откако добива информација дека при евентуално пријавување на NBA драфтот ќе биде висок избор и дека за него се заинтересирани повеќе NBA тимови, решава да го прескокне колеџот.
На драфтот 2002-ра година, Феникс Санс го одбира како висок 9-ти пик, директно од средношколските клупи.
Феникс Санс (2002-2010)
Стадемаер пристигнува на големата сцена и веднаш добива шанса за игра. Добиената минутажа ја користи на најдобар можен начин.
Со просечни 13.5 поени и скоро 9 скокови по натпревар, ја добива наградата за “Дебитант на годината”.
Во летото 2004-та, добива посебна чест, да настапува за својата репрезентација. Како еден од најмладите играчи во составот, стигнува до бронзениот медал на Олимписките игри во Атина. Самото селектирање на младото моќно крило во составот на најдобрите играчи доволно говори колку кошаркарските експерти веруваат во неговиот талент, потенцијал и неспорен квалитет.
Наредните сезони на “Стет” се само како што може еден млад играч да посака да бидат. Неговата игра бележи рапиден напредок и (речиси) го дуплира својот просек. Феникс станува еден од конкурентите за освојување на шампионската титула, а тој една од најважните компоненти во тимскиот нуклеус. Постигнува над 26 поени и 9 скокови по натпревар и станува повеќекратен “All-Star” играч.
Звучи неверојатно, но по само три професионални сезони, Стадемаер беше вбројуван меѓу најквалитетните крилни центри во лигата, во период кога на неговата позиција играа имиња кој засекогаш останаа запишани како кошаркарски великани.
Тимот на Феникс Санс, под диригентска палка на двократниот MVP, Стив Неш бележи длабок продор во плеј-офот. “Сонцата” ја играат набрзата и најатрактивната кошарка во лигата. Се спријателува со Шон Мерион, со кој ги покриваат крилните позиции. И покрај одличната игра на “санси”, многумина се убедени дека им недостасува малку среќа за да дојдат до толку посакуваниот шампионски прстен.
Во својата четврта NBA сезона (2005-2006) доживува тешка повреда на коленото поради која настапува на само три средби. Веќе наредната година (2007-ма) се враќа силен, спремен и подготвен да докаже на кошаркарската јавност дека повредата е минато. Повторно ја претставува С.А.Д. и овој пат го освојува златниот медал во Лас Вегас. Набрзо доаѓаат лоши вести. Се појавуваат нови здравствени проблеми.
Во 2008-ма година, мора да замине на итен оперативен зафат на окото но, и покрај тешката операција се враќа силен и спремен за нови дострели. Феникс повторно бележи успех но, почнуваат промени во ростерот. Раководството на тимот беше убедено дека мора да го “раздрма” составот, и да доведе нови адути кој ќе итаат кон врвот а тоа (без никаква дилема) ја раздрама тимската хемија.
Неговиот просек се враќа кон оние (“ѕвездени”) бројки кој сите ги очекуваа од него но, почнува да недостига тимскиот успех пред се во доигрувањето. Долго време, тимот од Аризона беше толку блиску до титулата а никако не можеше да дојде до неа.
Се повеќе се говореше за тоа дека управата на тимот, нема да може да ги задоволи неговите финансиски потреби со оглед на тоа што дојде време за обновување на договорот.
По 8 години поминати во “долината на сонцето”, Стадемаер ја менува средината.
Летото 2010 година, се сели во Њу Јорк.
Њу Јорк Никс (2010-2015)
Доаѓањето на Стадемаер во “Големото јаболко” претставуваше прво посериозно засилување после долг период. Потпиша 5 годишен договор за близу 100 милиони долари.
Од самиот старт беше срдечно пречекан и прифатен од навивачите, а тој им возврати на најдобар можен начин.
Играта на Амари беше на највисоко ниво и подолг период од неговата прва сезона помината во дресот на “Никси” се вбројуваше како кандидат за MVP наградата.
Набргу во тимот доаѓа супер ѕвезда. Кармело Ентони му се приклучува во тимот и (очекувано) ја превзема поентерската улога.
И во таква ситуација, Стадемаер игра врвно а Њу Јорк за прв пат има сериозни резултати по речиси цела деценија медиокритет.
Во 2013 и 2014 се соочува со нови здравствени проблеми. Неговото оперирано колено и честите болки во грбот кој го мачат секојдневно придонесуваат да ја видоизмени својата игра. Настапува често (во речиси 70% од натпреварите) и покрај тоа што не беше оној “стариот” со експлозивни продори во рекетот, дава полн придонес во нападот поради својот подобрен шут од дистанца и непроценливото искуство кое го поседува.
Во 2015 година, неговиот тим се мачи а Стадемаер иако има намалена активност во ротацијата, без никакви проблеми ја прифаќа новата улога. Раководството решава да започне со промени и по речиси пет години во “Медисон Сквер Гарден”, Амари спогодбено си заминува од Њу Јорк.
Периодот од 2015 до 2020
По заминувањето од “Никси”, Стадемаер ја доигрува натпреварувачката 2014-2015 во дресот на Далас Маверикс. На 10-ти Јули 2015, по силно инсистирање на првиот човек на Мајами Хит (легендарниот Пет Рајли) потпишува за тимот од Флорида. По лимитираната минутажа која ја доби се решава за една нова страница од неговата кариера.
На 1-ви Август 2016 година, се сели во Израел каде настапува за клубот каде стана ко-сопственик, Хапоел Јерусалим. Стадемаер одигра две незаборавни сезони за “црвено-белите” со кој го освои првенството и купот. Неговата игра беше на врвно ниво и на моменти наликуваше како никогаш да не бил повреден.
Во 2019-та година има краток престој во Кина, каде настапи на 11 натпревари за Фуџиан пред повторно да се врати во Израел.
Овој пат потпишува за најтрофејниот Израелски клуб, Макаби Тел Авив. Во полу-сезоната кога настапуваше за Макаби, Стадемаер го освои првенството и беше избран за “MVP” (најкорисен играч) во финалната серија.
Решава да донесе тешка одлука. По штотуку освоената шампионска титула, на самиот врв, се повлекува од кошарката по 18 години поминати на теренот.
РЕЗИМЕ
Денес, Амари Стадемаер сеуште е активен организирајќи кошаркарски кампови, добротворни настани а често се појавува и на ТВ екраните како актер.
Поседува двојно државјанство, освен aмеричкото во Март 2019, доби и израелско државјанство. Во Израел освен што имаше огромен успех на теренот, сега има и во бизнис секторот како еден од сопствениците на производство на свое вино.
Една сезона (2021/2022) беше помошник тренер во Бруклин Нетс, каде повторно соработуваа со својот поранешен соиграч и голем пријател, Стив Неш кој во тоа време беше главен тренер на тимот.
Стадемаер е еден од ретките кошаркари кој и покрај тешките повреди, успеал да има долга и богата кариера при тоа аклимитизирајќи се во секој средина.
Неговата мудрост при играта и адаптабилност му донесе долговечност.
Беше шест кратен “All-Star” и еден од најатрактивните крилни центри во NBA, посебно во првиот дел од неговата кариера.
Ќе остане запаметен како еден од атлетски најимпресивните играчи кој се појавиле на кошаркарските терени.
NBA FAN
Димитар Младеновски