Ова се најопасните места на светот: Добро размислете пред да отпатувате на некоја од овие дестинации

921

Според новата мапа направена за предупредување на патниците за ризикот кој ги чека во странство, како најопасни места на планетата се издвојуваат Либија, Авганистан и Сомалија.

Интерактивната “Мапа на ризици за патување за 2019 година” открива земји во кои туристите најверојатно би имале проблеми кога се во прашање безбедноста на патиштата, општата безбедност и медицинските проблеми.

Од друга страна, нордиските земји Финска, Норвешка и Исланд се означени како најсигурни места на мапата.

Мапата е направена од експерти од областа на медицината, безбедноста, контролата на ризикот и интернационалниот СОС. Либија, Авганистан, Сомалија и Сирија спаѓаат во секоја од трите категории во кои се рангирани државите, што значи дека се најопасни.

Кога станува збор за здравјето, земјите со најголем ризик од болести се африканските земји Јужен Судар, Нигер, Брегот на Слоновата Коска и Сиера Леоне. Ирак е означен како земја со висок ризик кога се работи за здравјето заедно со Либан, Венецуела и Северна Кореја.

Наспроти тоа, за места со низок ризик од заболувања се сметаат најголем број од земјите во Европа, Канада, САД, Нов Зеланд и Јапонија.

Во поглед на безбедноста, земји со најголем ризик се Авганистан, Сирија, Јемен, Либија, Сомалија, Јужен Судан и Мали. Дури и популарните дестинации за одмор како Мексико, делови од Карибите и делови од Индија се означени како високо ризични за безбедноста.

Спротивно на нив, места каде безбедносните ризици се сметаат за занемарливи се Данска, Швајцарија, Словенија, Исланд, Гренланд и Финска.

Доколку сакате одмор на тркала, треба да внимавате на патиштата во Африка, како и Бразил, Боливија, Саудиска Арабија, Иран и Казахстан кои се означени со најголем ризик на патиштата. Во оваа категорија, САД доби “умерено” рангирање.

Поголемиот дел од Европа е рангиран како “многу ниско” или “ниско” ризичен, заедно со Јапонија, Австралија и Нов Зеланд. Според мапата за патни ризици, исто така е утврдено дека 43 отсто од деловните патници ги очекува зголемен ризик во 2019 година.