Најголемата руска трагедија после Курск: Откриено е како загинале морнарите во нуклеарната подморница

852

Отворена е воена истрага за пожарот на руската подморница во која животот го загубија 14 морнари, потврди портпаролката на Истражниот комитет, Светлана Петренко.

„Воените истражители од Истражниот комитет спроведуваат предистражни анализи за причината на смртта на морнарите“, изјави Петренко за руските медиуми.

„Тоа е голема загуба за морнарицата и целата армија“, изјави претседателот на Русија, Владимир Путин, кој на министерот за одбрана Сергеј Шојгу, му наложил итно да биде спроведена истрагата за трагедијата.

Од руското Министерство за одбрана синоќа потврдија дека 14 морнари загинале од вдишувањето на отровни гасови ослободени за време на пожарот кој во подморницата избил на 1-ви јули. Инаку, подморницата вршела воен наздор во руските територијални води.

Од Министерството додадоа дека огнот бил изгаснат и дека подморницата моментално се наоѓала во арктичкото пристаниште Североморск, главната база на руската Северна флота. Во соопштението се додава дека пожарот бил изгаснат благодарение на самопожртвуваноста на морнарите.

Сепак, руските власти не откриваат за каков тип на подморница станува збор, иако се шпекулира дека станува збор за нуклеарна подморница од типот „АС-12“. Исто така, не се открива која е причината за пожарот, ниту колкав бил екипажот во моментот на инцидентот.

Последната голема несреќа кога станува збор за руска подморница се случи на 12-ти август 2000-та година кога во текот на воена вежба се случи катастрофа во нуклеарната подморница „Курск“. Тогаш животот го загубија сите 118 членови на екипажот.