Македонската компанија “5 Letters” произведува канабис за медицински цели и сè повеќе продира на светските пазари. За еден литар масло од коноп, компанијата заработува речиси 95.000 евра.
“5 Letters” има вработено повеќе млади, образовани лица на кои им нуди плати, двојно поголеми од просекот во нашата земја. Во декември 2018 година, нето платата изнесувала 420 евра, јавува порталот “Siol.net”.
За извоз на светскиот пазар
Само неколку километри од Крушево можат да се видат насади опкружени со бодликава жица и оградениот простор на компанијата.

Моментално се одгледуваат околу 2.300 садници кои ќе бидат собрани за неколку дена. Досега се тестирани 32 видови, а најпрофитабилна е сортата “Big Bud”, позната по големото цвеќе и големиот процент на активната состојка “THC”.
Под будното око на експертите
Канабисот се одгледува под будното око на експертите, кои проверуваат дали работниците ги почитуваат правилата.
Тие произведуваат масло од коноп со концентрација на “THC” која е поголема од 80 проценти. На компанијата ѝ е дозволено производот да го извезуваат на светскиот пазар бидејќи неодамна добиле соодветен сертификат.
Само една капка концентрат е доволна за лекување на повеќе луѓе, така што фармацевтските компании мораат да го разредат, слично на кокосовото масло.
Најголем дел од сопственоста на компанијата (93 проценти) е во рацете на американски инвеститор, додека 7 проценти се во сопственост на Зоран Јаневски, пријател на премиерот Зоран Заев и член на неговата партија.
Извоз на цвеќиња од коноп
Подрачјето на кое се одгледува канабисот е 2.860 квадратни метри, а досега се собрани околу 68.000 садници. Инвестицијата вреди речиси 12 милиони евра, а се очекува да се исплати за две до три години.
Со одгледувањето на канабис сега се занимаваат преку 20 македонски компании кои добиле лиценци. Македонија има план да усвои и закон со кој ќе се дозволи извоз на цвеќе од индиски коноп.

Македонија не е единствената земја која е заинтересирана за “зеленото злато”. Претприемачи од Србија, Црна Гора и Бугарија ја посетуваат компанијата од која бараат информации. Додека Грција веќе почна да издава дозволи за производство, Романија е чекор понапред, додека Словенија и Хрватска сè уште не се меѓу нив, пренесува “Siol.net”.