На ЕП цел свет ќе види дека Македонија игра одличен фудбал!

670

Македонската фудбалска репрезентација се наоѓа во Букурешт, каде што ќе ги има завршните подготовки и в недела ќе дебитира на Европското првенство против Австрија.

По доаѓањето во Романија, нашите репрезентативци вчера и денес тренираа, а на брифингот зборуваше Енис Барди кој конечно се врати во тимот. Поради позитивен тест на ковид-19, фудбалерот на Леванте не беше во комбинација за пријателските мечеви, но се врати на време за ЕП.

„Се чувствувам добро немам здравствени проблеми. Во моментот кога бев изолиран тренирав сам и ја одржав формата. Подготвен сум за овој момент и физички и психички како и сите други фудбалери. Едвај чекаме да почне првенството и првиот натпревар против Австрија. Секој ги чека овие натпревари комплетно спремен. Нам ни останува само да тренираме и да дадеме максимум. Тоа што го доживеав на младинското ЕП е нешто незаборавно. Сепак, ова се е различно. Ние не дојдовме тука за да бидеме аутсајдери и да се задоволиме само со учество. Макеоднија многу пати докажа колку вреди и колку квалитетни играчи има. Ова ЕП ќе ни помогне, цел свет ќе дознае дека тука се игра одличен фудбал.

Ние го живееме сонот. Треба да одиме од натпревар во натпревар и да веруваме дека можеме да ја минеме групата. Најважно е што сме здрави и јас ви ветувам дека ќе бидам подготвен за секоја минута на турнирот, исто така ќе уживам во секоја секунда помината на теренот“, изјави Барди.

Македонија ќе игра со Австрија, Украина и Холандија, а амбициите на ова Европско првенство се навистина високи.