“Росонерите” имаат ново име во составот.
Кристијан Пулишич е нов играч на Милан.
Доаѓа од редовите на лондонски Челзи. Американскиот репрезентативец долго време беше желба на раководство на италијанскиот клуб. Во 2019 година Челзи за него плати 64 милиони евра за да го доведе од Брусија Дортмунд но, во четирите сезони поминати на “Стемфорд Бриџ” не ги оправда очекувањата. За 145 натпревари во дресот на “сините” постигна 26 голови.
Иако француски Лион беше сериозно заинтересиран за неговите услуги, желба на Пулишич беше италијанската гордост. Челзи од овој трансфер ќе добие 20 милиони евра плус бонуси (кој не се дефинирани). Хаосот во англискиот тим, честите промени на тренери како и дискутабилната тактика на управата на тимот доведе до тоа многу големи таленти (како и во овој случај) да не се снајдат на теренот, односно да не се покажат во право светло.
Кристијан го одбра дресот со број 11 во чест на еден од своите идоли, легендарниот Златан Ибрахимович. Популарниот “Кептен Америка” треба да го пополни испразнетото место на офанзивен играч за врска кое досега му припаѓаше на Браим Дијаз кој се врати во Реал Мадрид. За америчката репрезентација до сега настапи на 60 натпревари на кој постигна 25 голови.
Пред пристигнувањето на Пулишич, Милан официјално се засили со младиот Лука Ромеро од Лацио, Рубен Лофрус-Чик (од Челзи) како и голманот Марко Спортиело кој доаѓа од Атланта. Се очекуваат уште нови играчи, посебно на позициите десно крило како и централен играч за врска.
Димитар Младеновски