Браќата Стојановски заедно во МЗТ Скопје

747

Бомба во преодниот рок. МЗТ Скопје Аеродром го доведе Војдан Стојановски.

Капитенот на македонската репрезентација доаѓа во тимот и му се приклучува на својот брат близнак, Дамјан Стојановски во одбрана на двојната круна. Овој тандем се очекува да го носи најголемиот товар во играта. Тимот втора сезона по ред се натпреварува во АБА 2 лигата, а желба на управата на тимот е враќање во најсилниот ранг на натпреварување на јадранот – АБА 1. Очекувањата сериозно пораснаа со спојувањето на браќата кој со години важат за едни од најдобрите кошаркари од нашата земја.

Војдан Стојановски се враќа во домашното првенство по цела деценија пауза. Уште во 2011-та година ја започна својата интернационална кариера, најпрво во Украина настапувајќи за тимот на Черкаси Мавпи. Потоа следуваше преселба во Доњеск, Алба Берлин, Андора, па шпанскиот Реал Бетис.

Следуваше сезона за паметење со (тогаш) штотуку промовираниот турски прволигаш Бујукчекмече, кој со нашиот Стојановски не само што се задржа во домашното елитно натпреварување туку и стана едно од најпријатните изненадувања во сезоната 2017-2018. Следуваше враќање во Германија, овој пат во тимот на ЕВЕ Баскет Олденбург па преселба во Франција, каде со успех настапуваше за познатиот По Ортез како и за Гревелин, ланското првенство.

Војдан (како и својот брат Дамјан) кариерата ја започна во Вардар, а потоа настапуваше за АМАК СП, Напредак Крушевац, и Фени Индустри со кој во 2010-2011 го освои домашното првенство и беше избран за најкорисен играч. Прогласен е за играч на годината на Македонија во 2009, 2011 и 2015 година.

Годинава се опоравуваше од тешката повреда на коленото, а сега е конечно здрав и подготвен да даде полн придонес за новиот клуб. Интересно, во клубот се наоѓа и третиот брат, (постариот) Огнен Стојановски кој порано со успех го носеше дресот на МЗТ и беше еден од најзаслужните за осовојувањето на првата тимска титула во сезоната 2011-2012.

Со нетрпение се очекува да го видиме тандемот Стојановски на кошарскиот терен, во исти тимски бои.

Димитар Младеновски