Сообраќајот на Табановце се одвива без задржувања, казните за сообраќајни прекршоци странците ги плаќаат онлајн

106

Сообраќајот на граничниот премин Табановце се одвива непречено и без задржувања, а возилата со странски регистарски ознаки кај кои е евидентиран сообраќаен прекршок за плаќање се задржуваат најмногу до пет минути за регулирање на обврската, информираат деенска од МВР.

Нагласуваат дека благодарение на воведениот систем и можноста за електронско регулирање преку апликацијата „Безбеден град“, постапката е значително олеснета и забрзана.

Министерството за внатрешни работи на 20 август ја стави во функција веб-апликацијата со мобилен интерфејс – „Безбеден град“, што во оваа фаза е наменета за странските државјани – сопственици и возачи на возила со странски регистарски таблички, за не се задржуваат на границите за да ја платат казната.

Странските државјани преку апликацијата можат едноставно и директно да добијат информации за сообраќајните прекршоци евидентирани со системот „Безбеден град“, да имаат увид во издадените прекршочни платни налози, како и да ги подмират глобите по електронски пат. При логирањето, потребно е возачот да ја слика или скенира својата патната исправа и да ја внесе регистрацијата на возилото или возилата што тој ги користи во нашата држава.

На овој начин, странските возачи кои со своите возила ќе бидат евидентирани дека сториле сообраќаен прекршок на територијата на целата држава, ќе можат навремено и едноставно да се информираат и да ја регулираат својата обврска, без потреба од дополнително задржување на граничните премини.

МВР најави дека ќе продолжи со унапредување на дигиталните услуги, а во следните фази се предвидува проширување на функционалностите и за други категории корисници.

Линк до апликацијата: https://safecountry.mvr.gov.mk/.