Бокс корнер-Луда ноќ во Лас Вегас (ВИДЕО)

67

Рано утрово бевме сведоци на исклучително возбудлив судир.
Местото на настанот беше “Ти-Мобајл” арената во Лас Вегас а главната атракција беше борбата за титулата во “ВБА валтер” категорија помеѓу поранешниот шампион, Теофимо Лопез и актуелниот бранител на “појасот”, Роландо “Роли” Ромеро.

Уште од самиот старт беше повеќе од јасно дека боксерските експерти успешно ја предвидоа оваа борба. Беше исклучително неизвезно иако на стартот поагресивно делуваше Лопез. Она што можеше да претставува вистинска пресвртница во борбата се случи во петата рунда, откако Ромеро со двојна комбинација го разниша Лопез, речиси исфрлувајќи го на подот. Популарниот “Роли” не успеа да го задржи истото темпо на што Теофимо Лопез возврати со брзи и остри удари кои претставуваат негов заштитен знак во досегашниот тек на кариерата. Со храбра и напаѓачка стратегија во која немаше ни малку простор за одбрана, двајцата боксери ја продолжија својата “гладијаторска” борба до самиот крај на 12-та рунда.

На крајот, со мнозинска одлука од страна на судиите Теофимо Лопез беше прогласен за победник станувајќи нов шампион во валтер категоријата. За 29-годишниот Њујорчанец ова беше 25 победа а има и 2 порази. Еден е од ретките боксери кој успеале да станат светски шампиони во три различни категории. На другата страна, секогаш незгодниот Роландо Ромеро го претрпе својот 3-ти пораз во кариерата во која има и 17 победи.

Димитар Младеновски