Еден од најдобрите шутери на сите времиња има нов тим.
4-кратниот шампион, Клеј Томсон е нов играч на Мајами Хит. Се очекува да потпише двогодишен договор вреден 13 милиони долари. Присуството на Томсон е токму она што му недостасуваше на тимот од Флорида, шутот однадвор. По ангажирањето на една од најголемите NBA ѕвезди, Јанис Антетокумпо кој заедно со лидерот на тимот, Бем Адебајо ја сочинуваат една од најсилните “центарски линии” во лигата, неопходно беше доведување на врвен шутер. Со доаѓањето на Клеј тоа прашање е решено. Искусниот 36-годишен бек поентер претходната сезона настапуваше за тимот на Далас Маверикс каде просечно постигнуваше по 11.7 поени со речиси 40% успешност во шутот за три поени.
Клеј Томсон во моментов се наоѓа на 4-тото место на вечната листа на најдобри “тројкаши” со вкупно 2.973 погодени шутеви од далечина.
Уште еден врвен стрелец следната сезона ќе се најде во нова средина.
Демар Дерозан ќе ги брани боите на Денвер Нагетс. 6-кратниот “All-Star” доаѓа од тимот на Сакраменто Кингс и ќе потпише едногодишен договор во вредност од 4 милиони долари, што претставува т.н. “ветерански минимум”. Искусниот 37-годишен поентер со себе носи непроценливо искуство како и значително подобрување на тимската ефикасност во нападот. Се очекува да ја превземе улогата за главен играч од клупата за резерви која значително се “истенчи” по заминувањето на Пејтон Вотсон. Интересно е што управатa од Колорадо се реши на овој потег по силно инсистирање на своите најдобри играчи. Никола Јокич, Џемал Мареј и Ерон Гордон во повеќе наврати изјавуваа дека на тимот му е потребен играч од калибарот на Дерозан кој добива можност да се бори за шампионската титула со тим кој претендира на трофејот.
Демар Дерозан претставува еден од најефикасните поентери кои се појавиле на кошаркарските терени. Во моментов го завзема 17-то место на вечната листа на најдобри стрелци во историјата на NBA со речиси 27.000 постигнати поени.
NBA FAN
Димитар Младеновски






































