Зошто Стив Џобс и Бил Гејтс им забранувале мобилни телефони на своите деца?

1039

Луѓето кои најдобро знаат како функционираат некои работи, често се оттргнуваат од истите. Експертите за технологија знаат како телефоните функционираат, па затоа многумина од нив не сакаат нивните деца да ги користат.

Денес постојат безброј мислења за ризикот од зависноста од паметните телефони и попречениот развој.

“Некористењето на мобилен телефон е многу полесно отколку мал временски период пред екранот”, вели Кристин Штечер, поранешен истражувач на социјални мрежи која е во брак со инженер од Фејсбук.

“Доколку на моите деца само накратко им дадам мобилен телефон, тие сакаат уште”, додава таа.

Штечер и нејзиниот сопруг Рушаб Доши ги истражувале предностите и мааните на времето поминато пред екранот и дошле до едноставен заклучок: не сакаат нешто такво во својот дом. Паметните телефони им се дозволени на нивните деца само кога патуваат со автомобил или авион.

Атена Чаварија, која работела како извршен асистент во Фејсбук, а сега е дел од филантропското одделение на Марк Закерберг, вели:

“Уверена сум дека во телефоните лежи ѓаволот и ги уништува нашите деца”. Чаварија им дозволила на нејзините деца да користат телефони дури кога тргнале во средно училиште, а дури и сега им ја забранува нивната употреба во автомобилот и жестоко го ограничува времето на употреба дома.

За долгогодишните лидери на технолошката индустрија, тоа што сега гледаат како уредите на кои работеле со години влијаат на нивните деца делува како пресметка со нивниот живот и дело. Помеѓу нив се наоѓа и Крис Андерсон, поранешен уредник на порталот “Wired”, а сега извршен директор на компанија која се занимава со роботика и дронови.

“На скалата помеѓу кокаин и слатки, тие се поблиску до кокаинот”, изјавил тој за мобилните телефони, таблетите и сличните уреди и додал дека техничарите кои работеле на овие производи биле наивни.

“Мислевме дека можеме да го контролираме тоа. Но, ова е надвор од нашата моќ за контрола. Тие удираат директно во центарот на задоволство на мозокот кој се развива, а ние како родители не можеме да го сфатиме тоа”.

Андерсон има пет деца и 12 правила кои вклучуваат: без телефон до летото пред средно училиште, без таблет, ајподи и лаптоп во спалната соба и без социјални мрежи до 13 години. Лошо однесување? Казната е 24-часовна забрана за пристап до интернет.

“Не знаев што правиме со нивните мозоци се додека не ги видов симптомите и последиците”, заклучил Крис.

Тим Кук, извршниот директор на “Apple”, претходно оваа година изјавил дека не би му дозволил на својот внук да користи социјални мрежи. Бил Гејтс им дозволил на своите деца да користат телефони дури кога биле тинејџери, а Стив Џобс не им дозволувал на своите деца да им “пријдат” на ајподите.

Тие кои им дозволиле на своите деца да имаат пристап до технолошките уреди, сега се борат со нивната зависност така што им објаснуваат како функционира технологијата.

Џон Лили, поранешен директор на “Mozilla”, вели дека пробува да му објасни на својот 13-годишен син дека луѓето кои ја изградиле технологијата манипулираат со неа.

“Му велам дека некој напишал код поради кој тој се чувствува како што се чувствува”, вели Лили.

Другите родители од Силициумската долина велат дека постои начин времето поминато пред екранот на мобилниот телефон или таблет да биде помалку токсично.

Рене Дирест, истражувач на Центарот за хумана технологија, не дозволува пасивно поминување на времето пред мобилниот телефон, но дозволува кратки, стимулативни игри. А тука се и оние кои не се сложуваат со дијагнозата дека мобилните уреди се опасни.

Џејсон Тоф кој ја водел видео-платформата “Vine” а сега работи за “Google”, му дозволува на своето тригодишно дете да игра игри на разни уреди за кои смета дека не се ништо подобри или полоши од книги и додава дека и самиот пораснал со телевизија.

“Мислам дека испаднав сосема океј”, заклучил Тоф.