Земјоделец заразен со коронавирус од животно: „Погрешно сфативме како се пренесува вирусот“

922

Работник на фарма во Холандија каде се одгледуваат куни, поради извоз на крзно е заразен со коронавирус преку животните за кои се грижи, соопштила министерката за здравје на Холандија во писмо испратено до парламентот.

Појавата на коронавирус меѓу куните на фармата во Холандија е забележана уште во април, кога вработените забележале дека некои животни имаат потешкотии со дишењето, по што започнала дополнителна истрага.

Во писмото испратено до парламентот, Карола Скаутен признала дека сфаќањето кое таа и нејзините соработници досега го имале за тоа дека луѓето можат да ги заразат животните со коронавирус, но не и обратно – е погрешно.

Меѓутоа, министерката истакнала дека холанскиот институт за јавно здравје проценува дека можноста за пренесување на заразата надвор од објектот во кој се сместени животните е минимална, пренесува „Ројтерс“.

Карола Скаутен не открила детали за здравствената состојба на заразениот работник.

Под притисок на активистите за правата на животните, Холандија забранила отворање на нови фарми за куни во 2013-та година, додека постоечките би требало да бидат затворени до 2024-та година.