Шефот на компанијата “Biohax Italia” соопштил дека очекува дозвола од италијанското министерство за здравство и санитарните власти за вградување на поткожни микрочипови.
Овие микрочипови содржат лозинки од кредитни и други картички, пинови, броеви на лични карти, пасоши, податоци за претплатници, возни и авио карти, лозинки за влез на работното место и други податоци.
Шведската компанија “Biohax”, светски лидер во производство и дистрибуција на микрочипови, е спремна да им вгради 2500 микрочипови на граѓаните од Милано до Рим во рок од неколку месеци, пишува “Euronews”. Десетина илјади Швеѓани и Германци веќе вградиле поткожни микрочипови.
Според произведувачот, предноста на микрочипот е што помага во заштеда на време, избегнување на редови, паричниците и чантите нема да бидат преполни со разни картички… Накратко, оваа технолошка новост се претставува како средство кое би требало на граѓаните да им го олесни и поедностави секојдневниот живот.
Поткожниот микрочип е една од најделикатните контроверзии на модерната технологија, а италијанските синдикати изразуваат загриженост бидејќи ова може да ја загрози приватноста и правата на работниците.
Микрочипот е со големина на зрно ориз, се вградува под кожата помеѓу палецот и показалецот на левата рака со помош на инјекција и останува невидлив за голото око. Целата операција трае неколку минути и се работи под локална анестезија.
По повод веста дека поткожните микрочипови пристигнуваат и во Италија, познатата италијанска блогерка и писателка, Енрика Перукети, пишува дека е очигледно дека контролирањето на популацијата и ограничувањето на приватноста на овој начин станува модерно.
“На тој начин се канализира популацијата доброволно да вгради микрочип поради практичност, бидејќи доколку таквата пракса се наметне како задолжителна, луѓето би се бунеле. Електронските сметки, бесконтактните уреди и прогресивното отстранување на готовината се само привремени чекори во овој процес”, смета Перукети.