„Со мала плата, дома сите бараат, а ти немаш да дадеш“: Како преживуваат овие Македонци?

239

„Работам во една приватна фирма каде земам 200 евра плата. Две деца во училиште, сопругот во моментот не работи. Кој може да опстане со 200 евра? Во Скопје со тие пари нема шанси да се преживее, но во внатрешноста луѓето се снаоѓаат, работат плус нешто друго за да опстанат, работат ниви“, вели Татијана од Каропош.

Во Македонија има и вработени кои се сиромашни и не можат да ги задоволат основните потреби.

Стапката на сиромашни вработени лица е 9%, објави Државниот завод за статистика за 2017 година.  Исто било и во 2016 година, додека во 2015 година, стапката на сиромашни вработени лица изнесувала 8.9%. Пред пет-шест години Македонија имала уште поголем број на вработени, а сепак сиромашни граѓани.

-Во овој маркет купувам еден производ, во друг купувам – друг, за поевтино, за да заштедам 5-10 денари. Сметките не чекаат. Ако не ги платиш, ако ти изнајдат дека должиш само 1 денар, ќе ти пратат извршител и ќе мора да платиш околу 12.000 денари, раскажува Бранко работник во приватна фирма.

Невработеноста е по најголема кај младите од од 15 до 24 години возраст и изнесува 46,7 отсто. Токму оваа група е најприсутна по кафулињата. Според статистичките податоци, вкупно работоспособно население во земјава е 56,8 отсто.

Стапката на вработеност е 44,3 отсто, додека стапката на невработеност изнесува 21,9 отсто.

– Со 200 евра плата не можам да го издржувам семејството.Влегувам дома и сите бараат, а јас немам да им дадам. Премногу е тешко да се преживее, камоли нешто да си купиме за облека или недај боже да се разболиме. Мојата жена во моментов не работи, целата грижа за семејството е на мој грб, И како вака да се живее? Фактички, не живееме, само преживуваме. Во безнадежност, немоќни, безволни нешто да преземеме, надевајќи се дека нешто магично ќе се случи за да се извлечеме од ова дереџе, вели Миле од Скопје.

Повеќе долгорочни социјални мерки за обезбедување нормален живот за лицата што не можат да си го овозможат тоа од разни причини, создавање нови подобро платени работни места или преку редистрибуција на доходот, државата може да влијае врз намалување на сиромаштијата. Постојат повеќе показатели што упатуваат на тоа дека во Македонија има голем број граѓани што живеат или во сиромаштија или на прагот на сиромаштија.

Во повеќе анализи на Државниот завод за статистика (ДЗС) се забележува дека македонските граѓани се откажуваат од многу благодати поради ниските примања, исто така може да се види дека најголем дел од фамилијарните буџети се трошат на основните потреби.

Во анализата на ДЗС, насловена „Македонија во бројки, 2018“, се наведува дека „просечното домаќинство во Македонија наменува околу 59,8 отсто од својата потрошувачка за задоволување на основните потреби, како храна, облека, домување и покуќнина“. Од заводот појаснуваат дека во структурата на приходите, во 2017 година преовладуваат примањата врз основа на редовна и повремена работа со 66,8 проценти, пензиите учествуваат со 18,5 отсто, примањата од земјоделството со 6,2, примањата од странство со 2,2 и социјалните бенефиции со 1,6 процент.