Шилегов: Најдете два милиони евра и ќе го спасиме ФК Вардар!

661

Петре Шилегов, актуелниот градоначалник на Град Скопје, во емисијата „Клик плус“ на „ТВ21“ говореше за актуелната ситуација во фудбалскиот клуб Вардар, во дебата која ја водеше со некогашниот фудбалер Владимир Нелоски.

Поранешниот играч на Вардар, а сегашен член на партијата ВМРО-ДПМНЕ јавно испрати апел до сите да заборават на политичките бои и да му помогнат на Вардар кој е пред враќање во рацете на Град Скопје, но може да остане без европска лиценца поради долгови кои не може да се исплатат, а се стекнати во ерата на Сергеј Самсоненко.

„Би сакал да ги оттргнам и левите и десните, сите политички партии. Би сакал да ги замолам советниците на ВМРО и советниците на СДСМ да видат што може да направат како Град Скопје за помош на фудбалскиот клуб Вардар. Јас сум човек што единаесет години има тренирано во Вардар. Сум бил дел од првата екипа, од младинците, дел од екипата кога се соочувавме со најголемите проблеми во 2010 година, подоцна и кога освоивме титула. Затоа сакам да испратам апел, да му помогнеме на Вардар да се издигне над ситуацијата, бидејќи Вардар е симбол на Скопје и гордост на Македонија“, кажа Нелоски.

Шилегов веднаш реплицира на тоа и го кажа следното:

„Во овој момент она што јас го имам како сознание е дека фудбалскиот клуб Вардар е должен, односно сопственикот на фудбаскиот клуб е должен и има обврски над два милиони евра. Што неисплатени плати, што неисплатени други работи, сега да не навлегуваме во таа анализа. Секој добар совет кој што ќе значи влез на два милиони евра во фудбалскиот клуб Вардар, јас ќе го прифатам. Ако Вие имате начин да ми кажете како да му се помогне на Сергеј Самсоненко и да му бидат дадени два милиони евра да го спасиме Вардар, јас сум прв што ќе ви ја пружи раката. Еве ви го предизвикот. Да помогнеме на Вардар, се сложувам. Ама најдете два милиони евра да му помогнеме“, реплицира Шилегов.

Петре Шилегов со изјавата најави дека Град Скопје единствено би презел само „чист“ Вардар повторно под своја капа, односно онаков каков што му го предал на Сергеј Самсоненко со салдо на „нула“. Времето за Вардар истекува, евролиценцата „виси“, а ривалите тријат раце. Ќе има ли спас за ФК Вардар?