Шаланд: Македонија е технички спремен тим, ама Косово ќе има борци на теренот

590

Репрезентацијата на Косово е првата пречка на Македонија на патот во плеј-офот кон Европското првенство.

Селекцијата на соседот, како и нашата има неколку проблеми и поради коронавирусот може да игра без неколку играчи. Сепак, селекторот Бернард Шаланд верува во својот тим и очекува Косово сериозно да се спротивстави.

„Го познавам Косово, ги познавам моите играчи и нивниот менталитет, како и историјата. Ќе имам тим на борци на теренот. Верувам дека ова е повеќе од фудбалски натпревар. Македонија има технички спремен тим. Тие играат горе долу исто како Косово. Ќе се обидеме да дадеме сè од себе, иако е можно неколку играчи да не настапат“, започна Шаланд.

Меѓу фудбалерите кои се под знак прашалник се наоѓа Ведат Муриќи кој прележа коронавирус, како и Амир Рахмани кој сè уште е во Неапол и не се знае дали ќе допатува со екипата.

„За ситуацијата со Муриќи сум песимистичен дека ќе може да игра поради повредата, но неговото отсуство не го менува концептот на игра. За Рахмани сме во постојан контакт со ФИФА. Мислам и се надевам дека тој ќе биде на теренот со капитенската лента“, заврши селекторот.

Во составот нема да се најде уште едно сериозно име, бидејќи повик не доби Милот Рашица од Бундеслигата.

Пресметката пред празните трибини на арената „Тодор Проески“ е закажана за в четврток со почеток од 20:45 часот.