Рим стана главен град на Италија на денешен ден пред 150 години: Италијанците мораа со оружје да го преземат од Папата

813

Денес кога помислуваме на Рим, веднаш го поврзуваме со Ватикан кој е дел од италијанскиот главен град, но сепак станува збор за посебна држава.

Но, тоа не беше така во минатото, затоа што целиот Рим „не така одамна“ беше во сопственост на Папата, односно Папската или Државата на Црквата (Stato della Chiesa), а Италијанците за да го направат Рим свој главен град, мораа да го одземат од Папата и тоа со оружје.

Папската држава настана во 756-та година и како и сите други држави, имала војска и прилично голема територија. Таа држава ќе опстане повеќе од илјада години, односно до 1870-та година кога Италијанците ќе го освојат Рим и на Папската држава ќе ѝ го остават тоа што е Ватикан денес.

Имено, во 19-ти век во тек било големото обединување на италијанските покраини кое било предводено од големиот италијански револуционер и војсководец, Џузепе Гарибалди. После освојувањето на Сицилија, во 1860-та Гарибалди триумфално влегува во Неапол, но потоа не било едноставно да се заземе и Рим. Од 1862-ра до 1967-ма во повеќе наврати Гарибалди се обидува да го заземе Рим, но безуспешно. Во првиот обид бил ранет, а и во двата уапсен.

На власт во Папската држава тогаш се наоѓал папата Пио Четврти кој добивал голема поддршка од Французите, односно Наполеон Трети. Тоа значи дека Гарибалди најпрвин требало да се справи со Франзузите за да тргне во офанзива на Рим. Неговиот план бил Вечниот град да биде Главен град на Италија, а во тоа време главен град на Италија бил Фиренца.

Набрзо му се насмевнала среќата. Во 1870-та година избива Француско-Пруската војна, па Французите ги повлекуваат војниците од Рим и тргнуваат во војна против Германците. Во тоа време Италија била речиси целосно обединета, па преостанала само Папската држава која давала отпор.

На 20-ти септември 1870-та година започнува битката за Рим. Италијанските сили ги предводи Рафаеле Кадорна и набрзо го окупира регионот Лацио. За тоа време Папата се обидел да добие помош од некоја странска држава, но веќе било доцна.

Италијанските сили сопреле пред самите бедеми на Рим. Од таму го повикале Папата да се предаде, но преговорите биле неуспешни. Избива краток судир, околу 50 загинати на страната на италијанската армија, 20 на страната на Папската држава. Италијанските сили ги пробиваат позициите на папските војници кај капијата Порта Пиа и Папската држава капитулира.

Десетина дена подоцна, односно на 2-ри октомври 1870-та година во Рим е одржан референдум за припојување на градот и мнозинството гласале за припојување кон Италија. Но, тврдоглавиот Папата Пио Четврти одбивал да го признае поразот и се прогласил за „затвореник во Ватикан“, надевајќи се дека ќе добие некаква помош од странство. Но, Наполеон Трети ја загубил војната со Германците и тоа ги срушило сите надежи на Пио Четврти.

Со оглед на тоа што станувало збор за поглаварот на Католичката црква, било посветено големо внимание за изнаоѓање на решение и преговорите го добиле називот „Римското прашање“.

Папата Пио Четврти никогаш не излегол од Ватикан, а тоа го продолжиле и неговите наследници цели 59 години кои не излегувале ниту на балконот со поглед кон плоштадот Свети Петар. На крајот е постигнат Латеранскиот договор во 1929-та година со тоа што Италија ја признава независноста на Ватикан, а Папската држава го признава италијанскиот суверенитет над остатокот на Рим.