Болничките капацитети во ковид центрите во Скопје се речиси целосно исполнети. Сите интерни клиники кои што беа пренаменети во КОВИД центри се наполнија со пациенти. На кожната клиника се лекуваат 27 пациенти со ковид, на неврологија има 24, а на Институтот за ТБЦ се примени вкупно 53 пациенти со симптоми на вирусот.
На инфективната клиника се лекуваат 158 пациенти, додека во ГОБ Осми септември има 79 болни. Од министерството за здравство очекуваат по исписите на оздравените пациенти да се ослободат местата за нови.
„Слободни места во моментов има доволно во ковид центрите на интерните клиники, а се очекува во тек на денот по направените исписи на оздравените пациенти да се ослободат и дополнителни места и на Клиниката за инфективни болести и во ГОБ 8 Септември.“ – велат од Министерство за здравство.
На Kлиниките за неврологија и дерматовенерологија покрај постоечките 64 кревети, ќе се стават во функција и дополнителни легла, а од сабота пациенти ќе се примаат и на Клиниката за Гастро и на Клиниката за нефрологија. Овие клиники располагаат со кислородни места за третман на пациентите кои имаат потреба од кислородна поддршка, велат од ресорното министерство.
„Сите нови оддели на Интерните клиники располагаат со болнички места до кои имаат довод на кислород. Во тек е доопремување со останатата медицинска опрема која им е потребна на лекарите, а од денес покрај пулмолог и анестезиозолог, достапен за консултации на интерните клиники ќе биде и лекар анестезиолог од КАРИЛ.“
Во моментов има и 14 деца кои што се хоспитализирани во детската болница Козле.Според последните податоци на Министерството за здравство 15 975 во моментив се заразени со вирусот. Од почетокот на епидемијата до сега 42 540 лица се заразија со вирусот, а 1 212 починаа.