Панчев: Небитно е дали ќе победиме 5-0 или на пенали, само да стигнеме до тој пласман на ЕП!

628

Македонската фудбалска репрезентација вечерва во Тбилиси од 18 часот ќе го започне најважниот меч во фудбалската историја, на кој против Грузија ќе ја брка визата за Европското првенство догодина. Македонската селекција вечерва ќе игра за слава, за историја, за место во вечноста, за милионски бонус, за цела држава која веќе скоро три децении чека на вистинска фудбалска радост.

Македонската легенда Дарко Панчев во пресрет на дуелот посочи дека неважно е како ќе се стигне до целта, неважно е дали ќе одиграме убаво, офанзивно, туку едноставно оваа шанса мора да се искористи и да се обезбеди пласман, па дури и преку пенали.

„Предолго чекаме на настап на големо натпреварување и ниту една генерација до сега не го покажа тој капацитет да биде барем близу до таков успех, а целата фудбалска нација заслужува еден ваков голем успех. Еве сега оваа генерација, благодарение на измените кои ги направи УЕФА, имаше среќа да ја дочека оваа шанса и едноставно мора да ја искористи. Прашање е дали и кога УЕФА повторно би довзолила селекција од таа Д-дивизија на најслаби екипи да игра на едно ЕП, ама кога веќе УЕФА го направи тоа мора да се искористи. Најважно е да победиме и да ја поминеме Грузија. Воопшто не е важно дали ќе играме убаво, офанзивно, зашто влогот е голем, а Европското првенство е голема манифестација… Ќе одат наши навивачи, ќе дојдат Македонци иселеници, ќе може да се покаже националното чувство. Убаво е да се пласираме, а ќе биде голема штета ако оваа генерацја не ја искористи оваа шанса. Им посакувам голем успех и би сакал да нè израдуваат“, вели Панчев во утринското гостување на „ТВ 24“.

Според популарната „кобра“, во вакво финале трпението мора да биде на највисоко ниво, но според него Македонија е поквалитетна од Грузија.

„Сега дојде денот Д, поквалитетни сме, имаме подобри поединци, некако шансите се 60-40 за нас, но колку и да анализираме и да кажуваме, сепак фудбалерите на теренот се тие што треба тоа да го покажат и да го решат. Нè чека меч кој ќе биде тврд, неизвесен, без многу голови, сите вакви финалиња се секогаш такви. Фудбалот е интересен спорт, од причина што може некој рано да направи грешка, па сите тактики да паднат во вода, да се смени цел тек на мечот. Треба да се има трпение, да се гледа да не се згреши, зашто е еден меч… Може да има и продолженија, пенали… Сепак, целта е да се оди на ЕП, а небитно е дали ќе го оствариме тоа со победа со 5-0 или преку пенали. Најважно е да се оствари целта. Сите се надеваме дека ќе биде успешно, дека на крај цела нација ќе се израдува на таков пласман“, додава Панчев.