Одлука која го изненади светот: Трамп прогласи победа над ИСИС и најави повлекување на армијата од Сирија!

841

Од Белата куќа синоќа соопштија дека Исламската држава е поразена и поради тоа ќе започне повлекувањето на американските сили од Сирија.

Одлуката која што е спротивна на политиката на САД од минатото, ја донел американскиот претседател Доналд Трамп, кој веќе во неколку наврати се противеше на присуството на војниците во Сирија.

„Ја поразивме Исламската држава, мојата единствена причина што бевме таму додека сум претседател“, порача американскиот претседател Доналд Трамп на својот профил на социјалната мрежа Твитер.

„САД и нивните сојузници се подготвени повторно да ги заштитат американските интереси, ако има потреба од тоа“, соопштија од Белата куќа и предизвикаа нова политичка бура во Соединетите Американски Држави.

Од таму порачаа дека победата над Исламската држва не значи дека коалицијата ќе престане да постои, туку дека „преминува во нова фаза“ од кампањата. Пентагон се противи на одлуката на Трамп за повлекување од Сирија, исто како и сенаторот Линдзи Грејем, еден од најугледните Републиканци.

Моментално е тешко да се процени колку борци на Исламската држава се активни во Сирија, а според проценките на коалицијата предводена од САД, на територијата на Сирија се уште има околу 2 илјади џихадисти. Сепак, според проценката на американското Министерство за одбрана, во Сирија би можело да има и до 30 илјади џихадисти.

Најновиот потег на американскиот претседател Доналд Трамп ги збуни Сириските демократски сили, сојуз на арапските и курдските бунтовници чие што основање го поддржа САД со цел да биде уништена Исламската држава, затоа што и натаму се водат борбени операции на југоистокот на Сирија каде што и натаму има упоришта на ИСИС.

Со други зборови, и покрај тврдењата на Трамп, Исламската држава се уште не е целосно поразена и воената операција против џихадистите и натаму не е завршена.