ИЈЗ: Паѓа бројката на позитивни од тестираните за ковид-19, намален бројот и на починати

172

Во периодот од 18 до 24 јануари 2021 година регистрирани сe 1.727 нови позитивни случаи на ковид-19 од 34 градови или е забележано намалување од 28% во однос на минатата недела, покажува неделниот извештај на Институтот за јавно здравје.

Во овој период  се регистрирани 69 смртни случаи или за 12,7 отсто помалку во однос на претходната недела. Оздравени се 5.084 лица. Во оваа недела земени се  вкупно 11.036 материјали за тестирање во лабораториите во кои се спроведува молекуларно тестирање и антигенско тестирање за присуство на SARS-CoV-2, со намалување од 21,8% во однос на минатата недела.

Најголем дел од новорегистрираните случаи се од Скопје 851 или 49,3 отсто, со неделна инциденца – 137,8/100.000. Највисока неделна инциденца од 190,5/100.000 е регистрирана во Кавадарци.

Процентот на позитивност во споменатиот период се движи од 9 до 19%, или во просек 14%, што претставува намалување од 2% во однос на минатата недела.

Регистрирани се заболени лица во сите возрасни групи. Најзастапена е возрасната група на лица на возраст над 60 вкупно 507 или 29,4 отсто. Голем број на заболени се регистрира и кај лицата во возрасните групи 40-49 , вкупно 299 што е 17,3 отсто од заболените, потоа од 50 до 59 регистрирани се вкупно 298 случаи или 17,3 отсто, 30-39 со вкупно 287 или 16,6 отсто, и 20-29 со 231 случаи што е 13,4% од регистрираните случаи. Најмал број е регистриран кај децата од 0-9 вкупно 32 или 1,9% и 10-19 години 73 или 4,2%.

По добиени 2 негативни теста за присуство на SARS-CoV-2 или со употреба на новиот алгоритам, како оздравени се водат 5.084 лица кои биле хоспитализирани или на домашно лекување, 12,1% помалку во споредба со минатата недела.

Пријавени се 69 смртни случаи од 23 града, со намалување од 12,7% во однос на минатата недела. Во однос на возраста, 55 лицa биле над 60 години, 11 лица на возраст од 50-59 години, 2 лица на возраст од 40-49 години и едно лице од 30-39 години.