NBA колумна на Димитар Младеновски-Најдобриот одбранбен бек во историјата = Гери Пејтон

737

Гери Пејтон, еден од најжестоките момци во историјата на NBA.

Роден и израснат во Оукленд (Калифорнија), Пејтон претставуваше еден од најголемите кошаркарски таленти од богатата ризница на “градот со легендарниот златен мост”.
Во средното училиште Скајлајн а потоа и на универзитетско ниво, во Орегон колеџ стана еден од најодликуваните млади кошаркари во САД.
По четири години поминати во NCAA лигата, брзиот плеј беше подготвен за професионално ниво.

Сиетл Супер Соникс (1990-2003)

На драфтот 1990 година, Пејтон беше избран како втор пик од страна на Сиетл Супер Соникс.
Како дебитант покажа солидна игра но импресионираше неговото навремено асистирање како и челичната одбрана која ја поседуваше. Веќе во наредната сезона неговата минутажа се зголеми, тимот бележеше успех а од година во година “соничните” станаа еден од најопасните колективи во лигата.
Неговата тимска хемија со Шон Кемп претставуваше вистински празник за очи. Сиетл стигна во големото финале (1996 година) каде загуби од Чикаго Булс.

Пејтон стана Олимпиец и девет кратен All-Star играч. Неговата агресивна одбрана му го донесе надимакот “Ракавица” како и наградата за најдобар одбранбен играч во сезоната 1995-1996. Стана првиот и единствен бек кој успеал да ја освои наградата се дур тоа не му појде од рака на Маркус Смарт, 25 години подоцна (сезоната 2021-2022).

“Џи-Пи” мина 12 и пол години во Сиетл, период во кој имаше безброј успеси, но со доаѓањето на новите сопственици (конкретно Хауард Шулц) дојдоа и проблеми. Се почести беа најавите дека Сиетл ќе го загуби својот NBA тим (нешто што ќе се случи на крајот од сезоната 2007-2008).
Пејтон беше бесен на управата поради нејзината пасивност, одби да го продолжи договорот што значеше промена на средината.

Милвоки Бакс / Лос Анџелес Лејкерс / Бостон Селтикс (2003-2006)

Во средината на сезоната 2002-2003 Пејтон (заедно со Дезмонд Мејсон) беше разменет во Милвоки за Реј Ален, Роналд Мари и Кевин Оли. Во Висконсин се задржа само 28 натпреаври во кој беше водечки тимски поентер и асистент.

Во летото 2003 како слободен играч потпишува за Лос Анџелес Лејкерс и заедно со Карл Мелоун им се приклучуваат на легендарните Коби Брајант и Шекил О’Нил. “Лејкерси” претходната сезона не успеаа да ја одбранат титулата по освојувањето на три пехари по ред и се обидуваа да го вратат шампионскиот сјај.
Тимските турбуленции, повредите, како и несогласувањето во тимот значеше пораз во големото финале од страна на Детроит Пистонс. За многумина беше вистинско чудо како “лејкерси” воопшто стигнаа во големото финале имајќи ги во предвид сите проблеми со кој се соочија во текот на сезоната. Пејтон остана без шампионскиот пехар во своето второ финале. Следуваа нови промени.

Во Јули 2005-та Пејтон беше разменет во Бостон. И покрај неговото незадоволство од фактот што мора без своја волја да ја промени средината, тој како прекален ветеран се појави во составот на “селтикси” и одигра 77 натпревари. Тимот за жал немаше некој особен успех а договорот на нивниот стартен плеј заврши.

Мајами Хит (2006-2008)

Во Септември 2005 година, (тогаш) 37 годишниот Пејтон потпиша договор со тимот на Мајами. Кај “жешките” пристигна по инсистирање на неговиот поранешен соигрч Шекил O’Нил и главниот човек во тимот, Пет Рајли. Носејќи го своето непроценливо искуство помогна на најдобар можен начин. Најчесто влегувајќи од клупата за резерви (позади Двејн Вејд и Џејсон Вилијамс) ја носеше толку потребната енергија и стабилност во составот.


Во плејофот, Пејтон одигра фантастично и на неколку натпревари беше клучен за тимскиот успех. Во финалето Мајами го победи Далас и стигна првата шампионска титула во тимската историја. Ова беше и “трета среќа” за “Џи-Пи” кој во своето трето финале, конечно стигна до толку посакуваниот шампионски прстен.

Одигра уште една, последна сезона во дресот на тимот од Флорида, и се повлече како еден од најдобрите бекови кој некогаш се појавиле на кошаркарскиот терен.

РЕЗИМЕ

Гери Пејтон претставува еден од најдобрите бекови во историјата. Посебно остана запаметен како фантастичен одбранбен играч како и силен мотиватор, провокатор и бестрашен борец. Носител на златен Олимписки медал (во два наврати) на Олимписките игри во Атланта 1996 и 2000 година во Сиднеј. Постигна близу 22.000 поени и 9.000 асистенции во кариерата. Прогласен е за емнинентен член на “Халата на славните” како и помеѓу најдобрите 75 играчи во историјата на NBA.

Интересно е што неговиот син, Гери Пејтон “втори” исто така е NBA шампион, откако со Голден Стет Вориорс ја освои шампионската титула ланската сезона.

“Ракавицата” е еклатантен пример дека апсолутно е неважна висината на играчот за да придонесува подеднакво силно на двата краја од теренот.

NBA FAN
Димитар Младеновски