Во текот на 90-тите години на минатиот век најпрепознатлива е доминацијата на легендарниот тим на Чикаго Булс. Единствен тим кој успеа да се закити со шампионски сјај во тој период е тимот на Хјустон Рокитс (1994 и 1995 година). Од повеќето познавачи на кошаркарската игра, овој колектив претставува еден од најпотценетите кој успеале да стигнат до најпосакуваната цел.
Во првата сезона без Мајкл Џордан во лигата (1993-1994), Хјустон успеа да стигне до својот прв шампионски пехар. Го поразија силниот Њу Јорк Никс во решавачката седма средба со конечни 4-3. За прв пат во историјата на NBA 6-то пласиран тим во плеј-офот успеа да ја освои титулата. Следната сезона (1994-1995) предводени од Хаким Олајџувон и новоангажираниот All-Star (и негов голем пријател) Клајд Дрекслер, “рокетси” го збришаа младиот и талентиран тим на Орландо Меџик со чисти 4-0. Tимот од Флорида во својот состав ги имаше младите Шекил О’Нил и Енферни “Пени” Хардавеј како предводници на тимот кој не успеа да го сруши искуството на противниците од Тексас.
Тимот беше предводен од искусниот стратег Руди Томјанович кој и самиот го носеше дресот на Хјустон во своите играчки денови. Составот беше исполнет со брзи, квалитетни бекови почнувајќи од Кени Смит преку Сем Кесел и Вернон Максвел. На крилните позиции го имаа секогаш спремниот Марио Ели и младиот и талентиран Роберт Хори, човек кој во својата кариера се закити со 7 шампионски прстени и важи за еден од најдобрите играчи во историјата кога натпреварот се решава во последните секунди. Во време кога Западната конференција броеше минимум 4 до 5 силни тимови, претенденти за тронот, овој успех на тимот од Тексас не може да остане незабележен.Интересна е приказната за овој тим, односно што се случи по освојувањето на двете титули (една по друга)? Тимот преживеа големи промени кој се покажаа како клучни во периодот кој им следуваше. Западот стана посилен, ривалите уште по гладни за успех. Во видето кое следи ги имаме сите интересни факти околу падот на “ракетите” и нивниот тежок период по шампионските денови. Уживајте…
NBA FAN
Димитар Младеновски