На синоќешниот натпревар помеѓу Милвоки Бакс и Индијана Пејсерс беше срушен поентерскиот рекорд на франшизата од Висконсин.
Јанис Антетокумпо постигна 64 поени кој претставуваат негов личен рекорд како и најголем број на постигнати поени во историјата на клубот кој датира од 1968 година. Домаќините победија од 140:126. Претходно, рекордот на грчкиот репрезентативец беше 55 поени постигнати во Јануари годинава, против Вашингтон Визардс. Ова претставува најдобро поентерско достигнување на играч на “бакси” од 2006-та година кога Мајкл Ред постигна 56 поени против Јута Џез.
За да стигне до 64 постигнати поени, Јанис погоди 20 од 28 обиди од игра, но и 24 од 32 од линијата за слободни фрлања. Интересно е тоа што не постигна ниту тројка. До полувремето имаше 21 поен, но се разигра во второто полувреме. На крајот од натпреварот дојде до мал инцидент.
Со оглед на тоа што постави личен рекорд, “Фрикот” сакаше да ја сочува топката од мечот, но забележа дека таа што му ја дадоа е “лажна“, односно некористена на натпреварот. Доби информација дека вистинската е кај играчите на Индијана, па се стрча кон соблекувалната на “пејсерси” каде се создаде голема гужва, но сепак беше спречен да направи поголем инцидент. Објаснувањето на луѓето од гостинскиот тим беше дека сакале “оригиналната“ топка да му ја дадат на својот играч, дебитантот Оскар Чијебвe кој на овој натпревар ги постигна своите први поени во NBA.
По победата, Милвоки е второ пласиран во Истокот со скор 17-7 а по поразот Индијана е петопласирана со скор 13-9.
NBA FAN
Димитар Младеновски