Панчев: Во Вардар се случуваа чудни нешта, каде отидоа сите тие пари земени од УЕФА!?

76

Во интервју за хрватски „Вечерњи“, македонската фудбалска легенда Дарко Панчев, меѓу другото, зборува и за случувањата изминативе неколку години во ФК Вардар.

Панчев заедно со Илија Најдоски беа доведени во клубот за подигнување на спортското ниво, но многу брзо по настапите во Лигата на Европа почнаа недоразбирањата со сопственикот Сергеј Самсоненко и раководството на клубот па и двајцата се повлекоа од спортските структури. Фудбалерот на векот во Македонија истакнуван дека место дополнителен напредок во клубот по добиените пари од УЕФА за настапот во Лигата на Европа, некои чудни нешта се случувале во клубот…

„Во Вардар се случуваа чудни нешта. Најдоски и јас дојдовме во Вардар да го подобриме квалитетот на составот и да бидеме конкурентни во Европа. Успеавме многу брзо во тоа и направивме големо изненадување елиминирајќи го Фенербахче и обезбедената групна фаза од Лига Европа. Клубот заработи и доста пари од пласманот во групната фаза на Лига Европа. Очекувавме дека луѓето кои го водат клубот задолжени за финансиите да ги инвестираат тие пари во доведување на уште поквалитетни фудбалери со цел Вардар да биде уште посилен и поконкурентен. Но, се случи обратното. Следните години немаше воопшто пари, многу долгови кон сите, некои играчи си заминаа, а не се ангажирани вистински замени, и резултатите беа катастрофални. Најдоски и јас видовме дека нема ништо од тоа што се договаравме на почетокот и затоа полека се повлековме и не сме повеќе во Вардар. Што се случи, и што се уште се случува со Вардар може да објаснат луѓето кои го водат клубот“ – вели Дарко Панчев.