Грците со 153 гласа „не“ го изгласаа Преспанскиот договор

1148

Пратениците во грчкиот Парламент штотуку го ратификуваа Договорот од Преспа со 153 гласа „не“, што значи „да“. Со „охи“ што значи „против“ гласаа 146, а еден беше „воздржан“.

Официјалните бројки од гласањето треба да ги потврди и претседателот на Парламентот.

Премиерот на Грција, Алексис Ципрас, успеа да обезбеди апсолутно мнозинство гласови.

Пратениците гласаа поименично и кажуваа дали се „за“, „не“ или „воздржани“.

Пленарната седница за ратификација на Договорот започна во средата наутро, а расправата траеше 38,5 часа.

Откако Преспанскиот договор влезе во Парламентот, во Атина се организираа протести од противниците на договорот, беа забележани низа инциденти, фрлање молотови коктели кон домови на пратеници, а имаше и обид за влез во зградата на Парламентот.

Македонската јавност, според најавите, во наредните неколку недели ќе биде во очекување на уште едно гласање од страна на грчките пратеници, но сега за пристапниот протокол за НАТО за Република Северна Македонија.

Грција, според договорот, треба да биде првата земја која ќе даде зелено светло за членството во Алијансата. За тоа да се случи, Македонија треба прво да го потпише пристапниот протокол што, според изјавите на владини претставници, може да се очекува во наредните неколку недели.