Изградбата на демонстрациониот реактор ќе трае околу седум години.
Енергетските компании со кои раководат милијардерите и пријатели, Бил Гејтс и Ворен Бафет, ја одбрале американската сојузна држава Вајоминг за започнување на проектот за нов нуклеарен реактор “Натриум”.
Компанијата “Тера Пауер”, која ја основал Бил Гејтс пред 15 години, и електроенергетската компанија “Пасификорп”, во сопственост на инвестицискиот фонд на Бафет “Бершкир Хатавеј”, соопштиле во средата дека точната локација на реакторот би требало да биде објавена до крај на годината.
Малите напредни реактори, кои работат на различни горива, се сметаат за клучна технологија без јаглерод, кои можат да претставуваат дополнување на изворите на енергија како ветар и сонце, во момент кога државата тежнее кон намалување на емисиите кои предизвикуваат климатски промени.
“Мислиме дека “Натриум” ќе ја промени играта во енергетската индустрија”, рекол Гејтс на прес-конференцијата, по повод започнувањето на проектот во Шајен, главен град на Вајоминг. “Ова е нашиот најбрз и најјасен пат кон тоа да станеме негативни на јаглерод”, се надоврзал гувернерот на Вајоминг, Марк Гордон.

Проектот содржи брз реактор со ладење на натриум од 345 мегавати, со складиште на енергија на база на соли, што би можело да ја зголеми силата на системот на 500 MW. Компанијата “Тера Пауер” минатата година соопштила дека реакторот ќе чини околу милијарда долари.
Американското министерство за енергетика минатата година на компанијата на Гејтс, “Тера Пауер” му доделила 80 милиони долари за почетно финансирање за демонстрирање на технологијата “Натриум”, додека идната година определило дополнителни средства во склад со одобрение на Конгресот.
