АЦ Милан е на чекот до скудетото.
На преполниот “Сан Сиро” на кој се бараше карта повеќе, “росонерите” го совладаа големиот должник Аталната со 2:0. По 37-то претпоследно коло од Сериа А, на “црвено/црните” ќе им недостига само бод за освојување на титулата, без оглед што и да направи градскиот ривал Интер на вечерашниот дуел како и за една недела од сега.
“Росонерите” поведоа преку Рафаел Леао на почетокот на вториот период, а Тео Ернандез ја запечати победата со втор погодок, ставајќи ги миланезите на врвот.
Тренерот Стефано Пиоли ја задржа формацијата 4-2-3-1 што ја запечати последната победа на неговата екипа над Верона. Оливие Жиру ја предводеше напаѓаќката линија следен од Алексис Саелмакерс, Раде Крунич и Рафаел Леао. Мајк Маињан доминираше на голот, додека бековската четворка ја сочинуваа постојаниот капитен Давиде Калабрија, Фикајо Томори, Пјер Калулу и Тео Ернандез. Сите одиграа на највисоко ниво.
Додека посетителите нестрпливо го очекуваа крајот од натпреварот, Тео ги реши сите дилеми околу крајниот исход. По неколку пропуштени шанси на двата краја, Милан ја запечати својата петта последователна победа во Сериа А.
Интер ќе мора да го победи Каљари за да одржи трошка надеж, а на момците на Пиоли им треба само реми кај Сасуоло во последното коло од сезоната за да ја кренат титулата без оглед на резултатот на нивните ривали.
Димитар Младеновски