Мицкоски: Ако мнозинството нема 80 пратеници за измена на Уставот, да одиме на избори

297

На Владата ѝ предлагам веднаш кога парламентот ќе се врати од годишен одмор прва точка на првата седница да биде предлогот за измена на Уставот. Ако соберат 80 пратеници, јас следниот ден ќе го исполнам ветувањето и трајно ќе заминам од политиката. А ако немаат, да одиме на предвремени парламентарни избори.

Ова вечерва од Тетово го предложи лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање да потврди дали и натаму останува на изјавата од вчера дека ако некој од ВМРО-ДПМНЕ гласа да се промени Уставот, тогаш ќе ја напушти политиката.

„Јас верувам во секој еден пратеник од партијата и од коалицијата и ако се случи такво нешто, трајно ќе заминам од политиката. Еве, денеска одам чекор понатаму со порака до Владата на ДУИ и СДСМ – веднаш кога парламентот ќе се врати од годишен одмор, прва точка на првата седница да биде предлогот за измена на Уставот. Ако соберат 80 пратеници, јас следниот ден ќе го исполнам ветувањето. Ако нема, да одиме на предвремени парламентарни избори“,

изјави Мицкоски.

Тој рече дека денеска имал средба со четири од петте коалициски партнери и утре ќе продолжи со консултации во однос на референдумот, по што темата ќе се префрли во рамки на партијата и Извршниот комитет.

„Кога ќе биде Собранието во функција, ќе излеземе со став, иако мислам дека тој е јасен“,

додаде Мицкоски.