Македонија – Грузија, во натпревар за првото место во групата од Лигата на нации

128

Македонската репрезентација вечерва од 20:45 часот на националната арена „Тодор Проески“ во Скопје против Грузија го игра четвртиот натпревар од новата сезона во Ц лигата од УЕФА Лига нации.

Натпревар за првото место во групата, натпревар кој во голема мера може да го одлучи победникот во групната фаза но и натпревар на кој двете репрезентации ќе се обидат да сокријат добар дел од „адутите“ пред финалето за пласман на ЕП кое повторно меѓусебно ги очекува на 12. ноември во Тбилиси.

Селекторот на македонската репрезентација, Игор Ангеловски е во секој случај оптимистички расположен пред дуелот со Грузијците, во желбата и да се подобри впечатокот од ремито пред три дена во Талин против Естонија.

„Имаме одлична атмосфера без разлика што не го исполнивме планираното. Главната цел во овој циклус ја остваривме пласман во бараж за ЕВРО. Свесни сме каде погрешивме, почнувајќи од мене, на мечот во Талин. Најпрво мислиме на овој натпревар и не планираме да го предадем лесно првото место и без разлика на големиот број отсуства. Сите ќе дадат максимум и се надевам дека ќе стигнеме до победа“ – вели Ангеловски.

И капитенот Горан Пандев најавува максимален ангажман на секој поединец во желбата да се дојде до позитивен резултат.

„Сите што сме тука ќе го дадеме максимумот. Ова е трет натпревар за нас. Косово и физички и психички не потроши, но подготвени сме да дадеме се од себе и да го добиеме натпреварот. Сите конкурираме за првите единаесет. Знаевме дека не очекува пеколен ритам. Свесни сме сите дека секој од нас ќе добие шанса. Во секој натпревар влегуваме со 100%, но фудбалот е игра во која има и противник и не е секогаш лесно да го добиеш. Се надевам дека ќе победиме утре и ќе го освоиме првото место“ – вели Пандев.

Македонија на натпреварот, нешто слично како и во Естонија, ќе биде во комбиниран состав поради отсуствата на Адеми, Бејтулаи, Тошевски и Спировски поради повреди, Барди поради суспензија и Хасани кој беше ослободен од обврските. Во стартниот состав се очекува да биде Дориев од Шкендија, а во средниот ред деби во националниот дрес очекуваат новоповиканите Тотре и Мицевски.

Ц ЛИГА – ЛИГА НАЦИИ (4. коло, 20:45 ч.)

Скопје: МАКЕДОНИЈА – ГРУЗИЈА

Талин: ЕСТОНИЈА – ЕРМЕНИЈА