Македонија ги дозна сите 6 можни противници во баражот за СП 2022

1224

Со одигрувањето на последното коло во групите Д, Е и Г, конечно ја имаме целата разврска од овој неизвесен, возбудлив и за нас историски квалификациски мундијалски циклус.

Селекциите на Шведска и Велс се последните две земји кои влегоа во друштво на шесте носители меѓу кои македонската репрезентација ќе добие противник во баражот за Мундијалот.

Велс одигра 1:1 против Белгија, доволно за задржување на втората позиција во својата група, а Полска падна со нас во друштво на неносители.

Во Г групата Холандија го доби меѓусебниот дуел со Норвешка со што го завери пласманот и ја исфрли од игра, а Турција славеше против Црна Гора, победа вредна бараж.

Тоа значи дека носители во баражот се: Португалија, Шкотска, Италија, Русија, Шведска и Велс, а неносители Турција, Полска, Македонија, Украина, како и Австрија и Чешка кои влегуваат како најдобри од Лигата на нации.

Според оваа слика, Македонија можеби најдобро би било за противник во полуфиналето да добие една од селекциите на Шкотска и Велс, кога веќе во тоа друштво се великаните Португалија и Италија, прваци од двете последните европски првенства.

Ждрепката е закажана за 26 ноември, а баражот се игра на 24 и 25 март (полуфинале) и 28 и 29 март (финале).