Вчерашниот ден беше најтежок откако пандемијата на коронавирусот завладеа со планетата, бидејќи во еден ден се забележани дури 248.869 новозаразени случаи.
Соединетите Американски Држави поставија нов рекорд во бројот на новозаразени во еден ден, со 73.000 нови случаи додека бројот на починати е најголем уште од почетокот на јуни. Ситуацијата е толку драматична што медиумите јавуваат дека во државите Тексас и Аризона се намалува капацитетот во мртовечниците.
Во Романија вчера беа евидентирани најголем број на заразени случаи во 24 часа откако се појави коронавирусот во оваа земја – биле регистрирани 777 новозаболени лица.

Во Јужна Америка, најлоша е состојбата во Бразил – во оваа земја вчера е забележано дека повеќе од 2 милиони луѓе се заразени со Ковид-19.
Дека состојбата не е баш најдобра ни на Блискиот Исток, покажува и веста од Израел, каде за претстојниот викенд се воведуваат нови рестриктивни мерки. Граѓаните ќе можат да излегуваат од своите домови, но трговските центри, продавниците, базените, зоолошките градини и музеите се затвораат денеска, а ќе останат затворени до недела наутро.
Групирањата се ограничени на 10 лица во затворен простор и 20 лица на отворен простор, додека рестораните можат да припремаат храна само за носење.