Груби: Во коалиција со СДСМ само ако премиер биде Албанец

245

Би било политичко харaкири ДУИ да биде прескокната при формирањето на новата влада. ДУИ е подготвена повторно да коалицира со СДСМ, но идниот премиер би требало да биде Албанец, за да се надминат предрасудите дека етничките Македонци имаат монопол во однос на првата функција во извршната власт во земјава, изјави Артан Груби, организацискиот секретар на ДУИ синоќа на гостувањето на ТВ Канал 5.

Груби кажа дека Али Ахмети разговара со лидерите на другите партии од албанскиот камп за поддршка на идејата за прв премиер Албанец во земјава.

„Ако можевме во 2017 година, со 10 пратеници, консензуално да го избереме Талат Џафери за претседател на парламентот, зошто сега, со многу повеќе пратеници Албанци, да не можеме консензуално да го избереме Насер Зибери за премиер.

Логично е да коалицираме со СДСМ. Тие имаат 46, ние 15 пратенички мандати, така што има мнозинство да се избере влада и да се овозможи стабилно владеење. Со СДСМ имавме многу успеси и постигнувања во овој мандат. ДУИ е стабилен партнер, а не авантуристичка партија која ги менува партнерите на секои три дена“, изјави Груби.

Тој рече дека ДУИ добила и гласови од Македонците затоа што партијата се докажала како чувар на евроатлантскиот пат на земјата.

„Ние ѝ се обративме и на македонската етничка заедница. Тие знаат дека државата е најсигурна во рацете на Ахмети и на ДУИ. Покажавме дека сме најконструктивна партија, која од 2002 година досега е чувар на евроатлантскиот пат“, рече Груби.

За него едноставно е невозможно ДУИ да биде заобиколена при составување на идната влада.

„Тоа би било политичко харaкири. ВМРО-ДПМНЕ го направи тоа во 2006 година и видовме дека тоа е неодржлива ситуација. Ако се случи тоа, ќе има голема мобилизација на гласачкото тело и ќе се вратиме со плебисцитарна поддршка на власт“, рече Груби.