Конте најави заминување: Интер нека ја планира иднината, со или без мене

159

Интер остана без трофеј сезонава откако го загуби финалето во Лигата на Европа во Севилја, по што повторно се интензивираа шпекулациите дека Антонио Конте би можел да си замине од „Џузепе Меаца“ во текот на летово. Трофејниот стратег отворено ја нападна управата на клубот веднаш по крајот на сезоната во Серија А, а по синоќешното финале даде изјава со која јасно става до знаење дека се уште нема решено дали да остане во клубот.

„Се враќаме во Милано, ќе земеме два-три дена одмор, а потоа ќе се сретнеме и ќе разговараме со ладни глави. Интер мора да си ја планира иднината, со или без мене. Одлуката мора да биде најдобра за клубот и не смее да има омраза меѓу двете страни. Можеби ќе имаме различни гледишта за ситуацијата, но треба да се седне на маса и да се дискутира. Како и да е, јас сум им благодарен на челниците на Интер што ми беше дадена шанса да го водам овој тим“, изјави Конте.

Италијанските медиуми тврдат дека кинеските газди му немаат простено на тренерот за критиките од пред дваесетина дена и Конте сигурно ќе добие отказ. Според нив, веќе е сигурно и дека Масимилијано Алегри ќе го наследи Конте на клупата на Интер, исто како што Алегри седна на клупата на Јуве откако овој стратег ја напушти „старата дама“ по конфликтот со управата, во која тогаш се наоѓаше актуелниот директор на Интер, Џузепе Марота.