Казни и до 4 000 евра за нечистење снег пропишува Законот за јавна чистота

0
29

Во Законот за јавна чистота се пропишува дека општините, општините во Градот Скопје и Градот Скопје се должни да го исчистат снегот од јавните површини најдоцна во рок од 6 часа од почетокот на снежните врнежи.

Во истиот закон се пропишува дека во зимски услови при снежни врнежи сите сопственици, односно корисници на јавни објекти се должни веднаш да започнат со чистење на снегот на отворените простори пред јавните објекти, со што ќе се обезбеди непречен пристап до објектите.

Законот предвидува глоба во износ од 1 000 евра да му се изрече на правното лице сопственик, односно корисник на јавен објект ако не го исчисти снегот од отворениот простор пред јавниот објект.

Глоба во износ од 4 000 евра во денарска противвредност ќе му се изрече за прекршок на правно лице ако не обезбеди редовно и квалитетно одржување на јавната чистота и чистење на снегот на јавни површини во зимски услови.

За овие прекршоци глоба во висина од 30 % од одмерената глоба за правното лице треба да му се изрече и на одговорното лице во правното лице.

Со оглед на тоа дека постои закон со кој се прецизира кој е одговорен за чистењето на јавните површини од снегот, тоа значи дека граѓаните кои се повредиле поради неисчистен снег на место за кое е одговорно одредена општина можат да поднесат тужби со барање за отштета.

И граѓаните можат да ја тужат општината

Општините потрошија илјадници евра за набавка на опрема и сол, и да не забораваат дека треба да ги употребат.

Народниот правобранител им порачува на граѓаните да не ја чекаат правдата и правата, туку да се борат за неа. За скршениците кои настанале како последица од нерасчистените улици, граѓаните можат да ја тужат општината во која паднале.

Адвокатите посочуваат дека доколку граѓанин се повреди поради неисчистен снег, ќе може да ја тужи општината или пак правното лице кое е должно да го исчисти снегот во согласност со Законот за јавна чистота.Но, додаваат адвокатите, тоа зависи од местото на случувањето на настанот, односно дали просторот за чистење на снегот е во надлежност на општината или пак на правното лице.

Град Скопје со апел за чистење на снегот

Ако во приземјето на станбена зграда има деловен простор, за чистењето на снегот од тротоарот пред просторот и за посипувањето на тротоарот со соодветен материјал должен е да се грижи сопственикот, односно корисникот на деловниот простор. За чистењето на снегот и за посипувањето на тротоарот со соодветен материјал пред објект во изградба се грижи изведувачот на работите.
Поради најавените екстремно ниски температури во текот на наредните денови, Градот Скопје апелира до граѓаните, до куќните совети и до сопствениците на деловните објекти да се придржуваат до законската обврска и да го исчистат снегот од приодите до нивните објекти.

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

Please enter your comment!
Please enter your name here