После кратка пауза од видео интервјуа со познати личности од македонската естрада, ви носиме освежување во Точка ТВ со Лила Филиповска.
Речиси и да нема човек во земјава кој барем еднаш не слушнал за познатата водителка, а доказ за нејзината популарност е и вниманието кое го привлекува буквално со секоја (дури и најобична) објава на социјалните мрежи.
Во текот на вчерашниот ден бевме во студиото на Сител ТВ, каде што се снима популарниот квиз „Сè или нешто“ и искористивме една од паузите помеѓу напорните снимања, за накратко да поразговараме со Филиповска.
Изминатите неколку месеци влијаеа на секој од нас. Многу лица останаа без својата работа поради пандемијата, а особено погодени беа и познатите личности – музичари, водители, спортисти…
Сепак, и покрај неочекуваниот предизвик со кој мораше да се соочиме, Лила пред нашиот објектив објаснува дека ‘затворањето дома’ и не ѝ било така лошо. Вели дека конечно успеала да се посвети на себеси, да ужива со својот мачор, да прави работи кои инаку можеби и не би ѝ паднале на памет.
„Изминатиот период ме научи дека буквално без сè се може. Ме научи на нешто што сум мислела дека никогаш нема да можам да го прифатам и ме научи дека кога се мора ништо не е тешко“, вели Лила на прашањето што ја научи новото секојдневие.
Со Лила поразговаравме и за новините во популарниот квиз, нѝ раскажа и неколку интересни моменти од снимањата, откри и како дошло до преработката на нејзината песна со младиот Филип Пешевски.