Артан Груби – првиот вицепремиер и министер за политички системи и односи меѓу заедниците вчеравечер гостуваше на „24 Вести“ и зборуваше на темата за намалување на платите на функционерите.
Груби посочи дека платите на министрите и пратениците одамна не се пораснати и „многу се помали“ од оние на директорите на претпријатијата и јавниот сектор. Притоа, Груби откри дека неговата плата е 70.000 денари и дека, како што вели самиот, никогаш не работел за помала плата од сега:
„Многу се помали од директорите на претпријатија и јавниот сектор. Мојата плата е 70.000 денари и во животот не сум работел за помала плата кога сум работел во приватниот сектор, и ова ми е најмала плата откако сум во политиката“, рече министерот, додавајќи дека сепак, „ако има потреба“, тие како Влада ќе ги намалат и платите на функционерите:
„Јас како функционер земам најмала плата. Претходно сум имал повисока плата. Платата на министрите и на пратениците не е покачена со години. Тоа што ние како Влада направивме е покачување на минималната плата на 18.000 денари, ги покачивме и пензиите. Министер во Македонија зема најмала плата во целиот регион. Зошто треба намалување на платите на функционерите? Ова е површен начин за забавување на јавноста. Ако има потреба, ќе ги скратиме платите“, рече Груби.
Ова наиде на остри реакции од јавноста, ако се земе предвид дека во Македонија голем дел од населението живее со минимални приходи или со по една минимална плата – изјавата на Груби им се виде иритантна.