Големи проблеми за Ердоган: Арапски сојуз против турската држава и економија!

547

Во септември Египет ги повика арапските држави да создадат заедничка политика против Турција, а набрзо потоа Саудиска Арабија, Обединетите Арапски Емирати и Мароко започнаа да го бојкотираат турскиот увоз. На што се должи конфликтот помеѓу Турција и останатите муслимански држави?

Овие потези произлегуваат од се поагресивната политика на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган кон арапските земји и целиот медитерански регион, а клучен проблем беше промената на турската политика кон Блискиот исток и Северна Африка по избивањето на Арапската пролет во 2011-та година.

Турција ги поддржа уличните протести и исламистичките движења и партии поврзани со контроверзното Муслиманско братство – движење кое успеа да ја преземе власта во Египет и Тунис. Турција исто така се вклучи и во граѓанската војна во Сирија.

Проблемите за Анкара настанаа после воениот пуч во Египет во 2013-та година кога беше симнат од власт претседателот Мохамед Морси од Муслиманското братство кое го поддржуваа Турците, а мора да се нагласи дека некои од арапските режими во Персискиот залив (Саудиска Арабија, ОАЕ, Бахреин) каде локални фракции на Муслиманското братство се главна опозиција, станаа непријателски настроени кон турската политика.

Откако Ал Сиси дојде на власт во Египет поддржан од Саудиска Арабија и ОАЕ, тој заедно со останатите лидери од регионот го обвинуваат Ердоган за ширење на радикализам. Спорот околу Муслиманското братство продолжи откако Саудиска Арабија, ОАЕ, Бахреин и Египет воведоа блокада (трговско ембарго и ограничувања во воздух и море) против Катар, Турција веднаш како противтежа испрати бродови со помош до овој емират.

Не пропуштајте: Препознатлив знак им е четири подигнати прсти, а од нив настанаа Ал Каеда и Боко Харам: Дали е ова најопасната организација на светот?

Два дена подоцна, турскиот парламент одобри планови за испраќање на војници во својата база во Катар изградена во 2016-та година, каде моментално има 5 илјади турски војници. Ова Саудиска Арабија и ОАЕ го доживуваат како закана по нивната стабилност. Во август оваа година, Турција и Катар потпишаа договор за соработка со либиската влада на чие чело е Фајез Ал Сарај.

Токму конфликтот во Либија е уште еден фронт каде што Турција е практично сама против арапските земји. Турција го поддржа Сарај против генералот Калифа Хафтар, кој пак добива поддршка од Саудиска Арабија и Египет. Кога Хафтар не успеа да воспостави контрола на територијата на целата земја, Египет се закани дури и со инвазија на Либија.

Египетските власти, улогата на Турција во Либија ја гледа како закана кон своите интереси на Медитеранот. Поради тоа, Египет неодамна потпиша договор со Грција за разграничување, а преку договорот со една земја членка на ЕУ, Египет сака да го зацврсти легитимитетот на своите постапки во Медитеранот и да го зголеми антитурското расположение во Источниот медитерански гасен форум во кој практично сите земји кои членуваат (Израел, Јордан, Грција, Кипар, Палестинската управа и Јордан), застанаа на страната на Грција во спорот со Турција.

Египет, Саудиска Арабија и ОАЕ исто така имаат спротивен став од турскиот во врска со Сирија. Иако дел од овие земји преку посредници работеа на тоа да го симнат од власт сирискиот претседател Башар Ал Асад (исто како и Турција), сега нивната политика се менува и тежнеат кон нормализација на односите со Асад кој сепак остана на власт.

Турција често упаѓа на територијата на Ирак каде што во Курдистан има свои бази, а ова го натера ирачкиот премиер Мустафа Ал Кадими во август да побара поддршка од Арапската лига во спротиставувањето на турските акции во регионот. Ова ја натера Арапската лига да воспостави министерски одбор за турските интервенции во арапските работи – претседава Египет, а членуваат Саудиска Арабија, ОАЕ, Бахреин и Ирак.

Сето ова резултаираше со Саудиски бојкот на турските производи, а веќе отежнат е увозот на ткаенина и храна од Турција. Секако, веднаш со бојкот започнаа и Обединетите Арапски Емирати и Мароко. Иако извозот во арапските земји е само една петина од целокупниот турски извоз, арапските земји се надеваат дека со тоа дополнително ќе ја ослабнат Турција, посебно со оглед на економските проблеми со кои се соочува оваа земја.

Акциите за слабеењето на Турција ќе придонесат за нормализација на односите на овие земји со режимот на Асад и напорите да ја одиграат најголемата улога во обновата на Сирија, проект кој ќе тежи милијарди и милијарди долари.

Зголемувањето на тензиите помеѓу Турција и арапските земји може да ги загрози интересите на Европската унија во Средоземното море и негативно да влијае на енергетските компании од земјите во јужниот Медитеран. Истовремено, ЕУ би можела да има корист од цврстиот став на Арапите против Турците, посебно поради тоа што Кипар и Грција веќе имаат проблем со Анкара, а секако, ова значи дека и арапските земји би се насочиле кон европските производи и европскиот пазар.