Фелипе станува најскап фудбалер во историјата на Првата македонска лига!

316

Бразилецот Фелипе, кој во изминативе неколку сезони беше иконата на вардаровите навивачи, од вчера е член на македонскиот првак Шкендија, најлутиот ривал на скопските црвено-црни. Еден од најкреативните фудбалери што играле во Македонија не ги менува боите, но ги менува градот и клубот, трансфер што беше најавуван веќе подолго од една година.

Интересот на тетовци за неговите услуги не беше тајна, управата на Шкендија имаше неколку обиди да го ангажираат фудбалерот кој се здоби со слава играјќи во Вардар, а им успеа токму последниот обид, кога шестмесечниот договор на Фелипе со скопјани заврши. Целокупниот трансфер на фудбалерот од Скопје кон Тетово беше склучен со посредство на менаџерите Александар Јовков и Никола Ѓошевски.

Тоа што е малку познато и што се крие од јавноста е сумата која Фелипе ја договори со македонскиот шампион. Дознаваме дека со овој трансфер тој ќе стане најскап фудбалер кој настапувал во Првата македонска лига, затоа што за двегодишниот договор што го потпиша (1+1 година), тој ќе заработи минимални 500.000 евра. Досега ниту еден фудбалер во елитната наша лига не бил платен толку, колку што тетовци решија да одвојат за неговите услуги. Но, и тоа не е сѐ.

Фелипе ќе добие уште минимум педесетина илјади евра годишно ако Шкендија ја освои титулата и Купот, што во услови кога кај нивниот најголем ривал Вардар владее огромна криза, е многу веројатно. Уште толку пари ќе легнат на сметката на Бразилецот ако тетовци успеат да се пласираат во групната фаза од Лигата на Европа на УЕФА, додека за пласман во групите  од ЛШ наградата е двојна. Секако во неговиот договор има уште „мал милион“ клаузули и бонуси, па нема да биде нескромно ако кажеме дека Фелипе во Македонија ќе има примања како да игра во клубовите од среден ранг од првенствата во Италија, Шпанија, Германија…

Интересно за споменување е дека истата финансиска понуда Фелипе ја имал и од косовскиот првак Фероникели, каде што тренер е поранешниот македонски репрезентативец Зекирија Рамадан, но Бразилецот не се согласил на трансфер, зашто понудата била на само шест месеци, со опција да се продолжи уште толку.

Пред да се врати во Вардар минатиот декември, Фелипе имаше авантура во казахстанската Астана, каде што не се прослави многу иако и таму исто така беше енормно многу платен. И во последните шест месеци како член на Вардар тој имаше голема плата (18.000 евра), дури и ги зеде сите пари однапред, но на теренот не покажа ниту десет проценти од тоа за што беше доведен.