Компанијата Фејсбук започна да ја тестира опцијата “Unsend” за апликацијата Месинџер, која му овозможува на корисникот да ја избрише испратената порака со цел таа потполно да биде отстранета од четот.
Претходно оваа година Фејсбук тајно ги избриша старите пораки кои преку Месинџер ги испрати основачот и директор на компанијата, Марк Закерберг, а тоа е многу невообичаено бидејќи “обичните” корисници на Фејсбук не можеа да го направат истото. Доколку сега избришете порака од чет, вие повеќе нема да ја гледате, но таа ќе остане во инбоксот на личноста со која сте комуницирале.

Во април Фејсбук соопшти дека планира воведување на “Unsend” опција за сите корисници, но не беа дадени детали ниту датуми за новата измена на апликацијата. Сепак, таа започна со тестирање, што е потврдено и од страна на Фејсбук. Опцијата во моментот е подложена на интерно тестирање, а откако компанијата ќе се увери дека таа работи без проблеми, ќе ја добијат и останатите корисници на социјалните мрежи.
Опцијата “Unsend” веројатно ќе биде достапна само одредено време откако корисниците ќе испратат порака. Таа ќе може да биде избришана, со што ќе исчезне од разговорот помеѓу двајцата корисници.