Ердоган после состанокот со Путин: Сите знаат дека Америка вршеше притисок врз Турција поради „С-400“

846

Претседателите на Русија и Турција, Владимир Путин и Реџеп Таип Ердоган денес во Сочи разговараа за повлекувањето на САД од Сирија, за руската база Хмејмим и за притисокот на Вашингтон над Анкара поради купувањето на против-воздушниот систем „С-400“.

„Што се однесува до „С-400“, сите знаат дека раководството на Соединетите Американски Држави вршеше притисок во врска со ова прашање“, изјави турскиот претседател, кој што исто така смета дека постои неизвесност околу повлекувањето на Американците од Сирија.

„САД ги објавија своите планови за повлекување од Сирија“, изјави Ердоган, укажувајќи на тоа дека постои неизвесност која што останува во врска со прашањето како повлекувањето на американската армија од Сирија ќе се оствари.

Турскиот претседател, меѓу другото нагласи дека Анкара прави се што е можно за да ги спречи екстремистите да ја напаѓаат руската воена база Хмејмим во Сирија. Според Ердоган, турските беспилотни летала не откриле никаква тешка опрема на тоа подрачје.

Русија е уверена дека на трилатералниот самит за Сирија ќе успее во намерата да се стабилизира оваа земја, изјави рускиот претседател Владимир Путин.

„Денес во Сочи ќе го одржиме четвртиот самит на земјите-гаранти на Астанскиот процес. Уверен сум дека ќе успееме да дадеме нов импулс за нормализација на ситуацијата во Сирија, како на терен, така и во рамките на политичките и дипломатските напори за воспоставување на меѓусириски дијалог“, изјави Путин.

„Направивме многу и поминавме долг пат. Сите знаеме дека работата не беше лесна. И сега продолжува. Се уште не се решени сите проблеми. Но, ако бидеме реални и ако подеднакво активно бараме компромиси, сигурно ќе има успеси“, изјави Путин.

Рускиот претседател нагласи дека го радува тоа што со Ердоган ја разгледува ситуацијата во регионот и разговара за развој на билатералните односи помеѓу двете земји.