Магичната моќ на Водно : Многу дружење и едно „здраво“ со секој минувач

115

Колку и да си изморен по напорниот работен ден и колку да се наоѓаш на работ на депресија или нервоза има едно место во Скопје кое инстантно ги решава овие проблеми, а влијае на твоето здравје и ја подобрува твојата психофизичка состојба.

Ако до пред неколку години се чекаше да дојде викенд за пешачење или велосипед, сега веќе во работна недела има десетици, па и стотици рекреативци кои попладнето го поминуваат спортувајќи на Водно.

„Осветли го Водно“ и „Афтеворк на Водно“ се неформалните настани кои групи ентузијасти ги организираат за рекреативни или социјални цели. А, освен нив многу почесто помали групи индивидуално решаваат попладневното дружење да го поминат на Средно Водно или пак кај Милениумскиот крст.

На Водно има секакви категории луѓе. Првите рушат рекорди, вторите топат калории, третите по неколку реда муабет. Кај сите нив може да го видиш позитивното влијание кое го има планината. Тргнуваат нервозни, а се враќаат насмеани и расположени. И кога во Скопје температурите се над 40 степени, на Средно Водни или на врв е многу посвежо и попријатно.

Редовните рекреативци го знаат важното правило дека со сите случајни разминувачи важи поздравот „здраво“, а патем може да се разменат и два – три ред муабет на некоја интересна тема, додека чекаш пулсот да се врати во нормала и заморот да попушти.

На врв на Водно рекративците уживеаат со кафе или чај. Преку лето со преубав поглед на Скопје, а преку зима покрај шпоретот во планинарскиот дом.

Сето ова е дел од убавата планинска социјализација поради која многумина решаваат да тргнат и да спортуваат на Водно.