Нема алкохол и дрога во крвта на возачот на автобусот

549

Надлежниот јавен обвинител од скопското Обвинителство заедно со увидни екипи на Министерството за внатрешни работи информира дека во 13.15 минути го завршил увидот на местото на тешката сообраќајна несреќа што се случи вчера на патниот правец Скопје-Тетово, во која 14 лица го загубија животот, а повеќемина се повредени.

Поради тежината на настанот и обемот на истражни дејства, во овој предмет е вклучен и втор јавен обвинител.

„Автобусот на компанијата ‘Дурмо турс’, кој преминувајќи преку двете сообраќајни ленти, излета од автопатот и се преврте во близина на стариот пат, е подигнат од местото на несреќата и по наредба на јавниот обвинител врз него ќе се врши детаљно техничко вештачење од страна на Mашинскиот факултет во Скопје. Заради правилно утврдување на фактите, денеска на местото на несреќата беше присутна и екипа на Mашинскиот факултет, која ги направи првите проверки на исправноста на возилото. Од досегашните сознанија утврдено е дека автобусот бил набавен во 2001 година, а последен пат бил регистриран во јануари 2019 година. По наредба на јавниот обвинител, Машинскиот факултет ќе изготви писмен вешт наод и мислење“, соопшти Обвинителството.

На самото место со јавниот обвинител била присутна и екипа на Бирото за судски вештачења, од каде што треба да бидат изготвени писмен вешт наод и мислење за причините на сообраќајната незгода.

Од Обвинителството информираа дека јавниот обвинител ќе ја побара целокупната документација од компанијата „Дурмо турс“ за дозволите за јавен превоз што ги поседува, одржувањето на возилата, бројот на патници и продадени билети во автобусот што сообраќал на релацијата Скопје-Тетово, како и податоци во врска со работното време и релациите што ги поминал возачот на критичниот ден.

Обвинителството соопшти дека возачот што управувал со автобусот е хоспитализиран поради телесни повреди. „Веднаш по несреќата, јавниот обвинител имаше првичен разговор со него и притоа тој не даде релевантни податоци за целиот настан. Јавниот обвинител усно е известен дека анализата на примероци на крв и урина покажала дека во моментот на несреќата кај возачот не е регистрирано присуство на алкохол, лекови или психотропни супстанции. Со барање листинзи од мобилен оператор ќе се утврдува дали возачот во моментот на несреќата користел мобилен телефон“, соопштија од Обвинителството.

На Институтот за судска медицина, по наредба на јавниот обвинител, извршена е обдукцијата на 13 од починатите лица, а за едно лице обдукцијата е во тек. Од екипите на MВР, по завршениот увид, до скопското Обвинителство ќе бидат доставени записниците за увид, скицата, фотодокументацијата и други обезбедени материјални докази.

Во зависност од утврдените факти Обвинителството ќе донесе јавнообвинителска одлука.