Огромна прашина на политичката сцена крена изјавата на Али Ахмети од пред неколку денови, дека дојдено е време Албанец да биде Премиер на државата. Денес тие се дообјаснуваат:
-Овој пат, граѓаните имаат три опции: Двајца кандидати Македонци од македонските партии – или пак за прв пат во историјата еден кандидат Албанец за премиер на нашата земја, Претседател на Влада кој ќе ги претставува не само македонските партии, туку премиер кој ќе ги претставува и Албанците граѓани и сите други во нашата земја, без разлика на нивната етничка припадност.
Етничкиот македонски монопол врз моќта заврши. Ако зборуваме за едно општество, тогаш е време за еднаква распределба на моќта и можностите“ се вели во соопштението на ДУИ во кое се поитсетува дека днес, пред 21 година, „НАТО влезе на Косово од Македонија и донесе мир и слобода за нашите браќа и сестри“ но дека „.веќе нема војна и сите живееме во слобода, еднаквост во многу полиња и имаме можности пред нас. Но сè уште имаме потреба да се бориме за нашите права, за целосна еднаквост и можности“.
Синоќа лидерот на СДСМ Зоран Заев, во интервју за ТВ21, ваквите изјави на функционерите од ДУИ ги оцени како ефтин популизам за привлекување на гласачкото тело.
Заев уште напомена дека после ваквите изјави од ДУИ, тие со нив нема да преговараат за создавање на нова влада и дека после 18 години, дојдено е време, ДУИ да оди во опозиција.
Но Бујар Османи го потсетува Заев дека Премиер станува човекот кој ќе обезбеди мнозинство во парламентот, а не тој кој ќе освои најмногу гласови на избори, потсетувајќи го како тој стана Премиер по изборите во 2016 година:
– Ние ги слушнавме изјавите дека граѓаните одлучуваат кој ќе биде премиер, а не партиите. Морам да кажам дека граѓаните во 2016 година одлучија Никола Груевски да биде премиер.
ДУИ одлучи Зоран Заев да биде премиер! Така што, прашањето на формирање влади е, пред сè, прашање на политички компромис. Влада формира тој што обезбедува мнозинство, а не тој што добива најмногу гласови.
Тој што кај претседателот ќе обезбеди 61 пратеник и ќе го добие мандатот. Ние сметаме дека се созреани условите 2020 година да го добиеме првиот премиер Албанец.
Тој ќе биде премиер на еднаквоста, на сите граѓани, што ќе ја сруши и последната тврдина на отпор кон еднаквоста и на етнички монопол. Државата нема да изгуби ништо, а ќе добие на својот унитарен карактер, вели во изјава за Слободна Европа Бујар Османи.