Ослободувањето од работа продолжува, моловите ќе работат до 22 часот

539

Владата на синоќешната седница заклучи дека по престанувањето на вонредната состојба, остануваат во сила мерките со кои се ослободуваат од работните обврски родителите кои што имаат деца до 10-годишна возраст или активно четврто одделение, хронично болните лица и бремените жени, самохраните родители, родителите на деца со попреченост кои што ја користат услугата дневен центар, како и лицата кои што на работа одат со придружба-потполно слепи лица, лица кои се движат со инвалидска количка и лица со умерена и тешка интелектуална попреченост, со можност, доколку е тоа остварливо да ги извршуваат работните задачи од дома.

На седницата изменет е Протоколот за работа на моловите, па така сега тие ќе работат од 10 до 22 часот, а неделите остануваат да бидат неработен ден. Затворените трговски центри претходно работеа со скратено работно време до 18 часот.

На седницата, меѓудругото, се донесени измени на Уредбата за примена на законот за враќање на ДДВ, според кои измени луѓето кои по грешка дале согласност да ги донираат парите од вратениот ДДВ, да може да го променат својот став најдоцна до 30 јуни. Со дополна на Уредбата се предвидува враќањето на ДДВ за промет на домашни производи и услуги да се зголеми од 15 проценти на 20, а за останатиот промет враќањето на данокот се утврдува на 10 отсто.