Најџел Грегори Бен. Роден на 22 јануари 1964, Илфорд (источен Лондон) во семејство каде е најмладиот од 7 браќа. Овој исклучително талентиран борец е поранешен британски и светски шампион. Се натпреваруваше од 1987 до 1996 година. Освои светски шампионати во две категории, вклучувајќи ја титулата ВБО во средна категорија (1990 година) и титулата ВБЦ во средна категорија, од 1992 до 1996. Регионално ја поседуваше титулата во “комонвелт” средна категорија, во 1988 и 1989 година.
Прекарот “темниот уништувач“ го заслужи поради неговата разорна моќ при ударите и агресивниот стил на борба. Дури 84% од неговите борби завршија со нокаут-победа.
По проблематичното детство, исполнето со улични тепачки следува период каде учи (неопходна) дисциплина. Бен служеше четири и пол години во британската армија, како пешадија со 1-от баталјон. Тој беше стациониран во Западна Германија три години, а потоа Северна Ирска за време на тешкотиите во тој реон во пероиод од осумнаесет месеци. Бен имаше учинок од 41 победа и 1 пораз како аматерски боксер, со пораз против Род Даглас, кого подоцна го победи. По отслужувањето на воениот рок, студираше на факултетот за наука и технологија во Локсфорд.
Од тинејџерските години па се до почетокот на 21 век, Бен беше сатанист кој честопати се опишуваше себе си и неговата боксерска личност како “десна рака на сатаната“. Тој стана професионалец во 1987 година и започна неверојатна серија на последователни победи во нокаут завршници. Ова обезбеди брз подем во професионалните редови и за тоа време, Бен ја освои титулата во “комонвелт” во средна категорија со победата во второто коло над Абдул Умару, во павилјонот Александриа на 20 април 1988 година.
Стигнува до импресивен скор 24 победи без пораз. По уште две победи, против Сандерлин Вилијамс и Хозе Кинонес, Бен се бореше со носителот на титулата во СБО во средна категорија – Даг Девит од САД, во Атлантик Сити. Бен беше соборен во втората рунда, но одлучно се врати во борбата и го сруши Девит за да ја освои титулата. Неговата прва одбрана се случи во Август 1990 година против поранешниот шампион на ВБЦ, Иран Баркли, кого трипати го испрати на подот.
Потоа се врати во Велика Британија и се сретна со својот голем ривал Крис Јубенк. Ова беше легендарна битка меѓу два бестрашни борци. Борбата се случи во Бирмингем на 18 ноември 1990 година. Бен ја загуби титулата од Јубенк кога судијата ја прекина борбата во деветтата рунда.
По разочарувачкиот пораз, Бен тргна во серија победи од шест борби што доведоа до уште еден предизвик за светска титула. Во 1991 година, тој го победи (полубратот на ултра силниот Марвин Хаглер) незгодниот Роби Симс, проследено со блиска, спорна победа против Тулани Малинга и убедлива победа против Ден Шери.
Тој ја одбрани титулата против сонародниците, Ники Пајпер и Лу Гент а забележи и силна победа на реваншот над Мауро Галвано, пред повторно да се судри со Крис Јубенк, кој сега беше шампион на ВБО во супер средна категорија, во борба за обединување на титулите, на 9 октомври 1993 година. Мечот заврши нерешено, а двајцата борци ги задржаа своите титули. Бен ја бранеше својата титула уште двапати (во 1994 година) со едногласни одлуки за победа, против Хенри Вартон и Хуан Карлос Гиминез Фереира.
По професионалната боксерска кариера, Бен стана ди-џеј. Поминаа години на психолошка криза и алкохолизам. Храбро и одлучно реши да се извлече од темната страна која го покоруваше. Објави автобиографијата во 2001 година (“Темен уништувач”) во која детално ги опишува своите животни приказни како и борбата со депресијата која го мачеше децении.
Бен сега живее со своето семејство во Сиднеј, Австралија. Тој сè уште е активен во меѓународната боксерска сцена со менторство, развој и тренирање и на аматерски и на професионални боксери во Австралија. Неговиот син, Конор Бен е еден од најсилните боксери денес во полу-тешка категорија.
Бен е член на “светскиот боксерски дом на славните”. Оваа чест ја доби во 2013 година како најголем шампион на ВБЦ во историјата во супер средна категорија. Денес, работи со млади изложени на ризик и е поборник за здрав живот.
Вклучен е во добротворна организација за деца во Велика Британија помагајќи им на децата и на нивните семејства во предели каде животот е полн со тешки и (навидум) безизлезни ситуации.
За секој кој бил љубител на неговиот агресивен стил на борба, денес е вистинско задовлство да се биде сведок на неговиот психолошки напредок.
“Темниот уништувач” ги преброди сите препреки кој му се испречија на патот!
Димитар Младеновски