Артим Шаќири заедно со шпанска фирма сака да го превземе ФК Вардар

695

Македонскиот фудбалски великан Вардар е на маргините. Се уште има финансиски проблеми, живее во матно, нема стабилна иднина, прволигашката егзистенција му е доведена под знак прашалник, а единствени кои се мобилизирани во овој момент се „Комитите“.

Навивачката група на вардарци собра скоро три милиони денари со продажба на виртуелни билети и помогна колку-толку клубот да има средства оваа сезона. Сергеј Самсоненко повеќе од половина година не финансира во првиот тим, се бара нов газда, но клубот има наталожени долгови.

Се појавуваат повеќе заинтересирани страни, а според информации на „Комити“, една од заинтересираните е македонската фудбалска легенда Артим Шаќири преку извесна компанија.

„Зошто сѐ уште никој не го контактирал нашиот Артим Шаќири, кој е единствен кој достави писмо со намери како интерес за инвестирање во Вардар, преку извесна шпанска компанија? Известени се и во ФК Вардар, известен е и градот Скопје, но никој не го контактирал сѐ уште. Зошто, имате некое решение или алтернатива?“, гласи прашањето на „Комитите“.

Претходно за Вардар беа заинтересирани легендата Саша Ќириќ со финансиска помош од фирма од Германија, како и Благој Георгиев, некогашниот бугарски фудбалер, кој сакаше да го преземе клубот заедно со Славчо Георгиевски, поранешен македонски фудбалер, а сегашен тренер во Тетекс.