Перо Антиќ како единствен официјален кандидат на денешното Изборно собрание ја доби поддршката од страна на делегатите и едногласно беше избран за нов претседател на МКФ, односно Кошаркарската федерација на Северна Македонија.
„Чудно е што од активен кошаркар веднаш седнувам на маса во претседателска фотелја. Но, со добар тим, со добра стратегија, добра програма, мислам дека ќе ја вратиме кошарката на вистинскиот пат. Треба сите заедно да работиме за таа цел како што заслужува нашата кошарка“, изјави Перо Антиќ.
Новиот претседател побара изборот на новите органи и тела на Федерацијата да се одложат за 15 дена.
„Не може сето тоа да се заврши во еден ден. Чекавме да помине најтешкиот дел и сега одиме полека. Имаме одлични луѓе, луѓе кои се професионалци во бизнис секторот, во спортскиот сектор, така што сите заедно ќе направиме една група на луѓе кои ќе бидат само од помош на кошарката“, изјави новиот претседател на КФСМ, по што се осврна на приоритетите во неговиот мандат.
„Приоритет ќе бидат младите, враќање на навивачите на трибините, на оптимизмот и се разбира А селекцијата која ќе ја кренеме на уште поголемо ниво од она на кое што бевме ние, со можност да се направи чекор понапред“, заклучи Перо Антиќ.